Ердоган: Ниту еден наш граѓанин нема да остане без дом

673
epa09433874 Turkish President Recep Tayyip Erdogan speaks during a press conference at the Presidential residence in Cetinje, Montenegro, 28 August 2021. President Erdogan arrived in Montenegro for a one-day official visit. EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција имала проблеми со првичниот одговор на земјотресот што ги погоди јужните региони на земјата и рече дека бројот на загинати се искачи на 8.574.

Ердоган го посети регионот за прв пат по разорните земјотреси што ги погодија јужна Турција и Сирија, во кои беа потврдени повеќе од 11.000 смртни случаи, а повеќе од 6.400 згради се урнаа.

Тој изјави дека првиот ден од земјотресот имало проблеми со патиштата и аеродромите, но како што одминува времето состојбата се подобрува.

„Првиот ден имавме проблеми, но од вториот ден ситуацијата е под контрола. Имаме мали проблеми“, рече Ердоган и додаде дека владата си поставила цел да изгради станови за оние кои останаа без покрив над главата во земјотресите во рок од една година.

„Никој од нашите граѓани нема да остане без дом“, рече тој.

Притоа, претседателот на Турција им порача на граѓаните исклучиво да ги слушаат информациите што ги добиваат од властите и да ги игнорираат „провокаторите“.
Според информациите на порталот специјализиран за следење земјотреси во светот CSEM, Турција ја погоди земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала.