Ердоган: Морси не почина од природна смрт

117

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави оти не верува дека поранешниот египетски претседател Мохамед Морси починал од природна смрт.

Ердоган тоа го кажа во џамија во Истанбул, во која се собраа стотици луѓе да се помолат за починатиот Морси, првиот демократски избран претседател на Египет, кој беше соборен со воен удар во 2013 година.

-Мохамед Морси отиде кај Бога за време на судењето. Дали тоа беше нормално заминување или тука беа вклучени некои други причини, тоа е нешто што треба да се разгледа, рече турскиот претседател.

-Не верувам дека тоа била природна смрт, заклучи Ердоган.

Морси почина во понеделникот за време на судењето, а вчера беше погребан во Каиро.

Тој почина од срцев удар откако се онесвести за време на судењето под обвинение за шпионажа.

Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права повика покренување независна истрага за смртта на Морси, нагласувајќи дека тоа би требало да ги опфати сите аспекти на неговото лекување за период од речиси шест години поминати во притвор.