ЕП ќе гласа за Резолуција за почеток на преговорите со Скопје и Тирана

65

Европскиот Парламент во заедничката резолуција за која ќе се гласа денеска напладне, ги повикува земјите-членки на ЕУ и нивните лидери да покажат одговорност кон Северна Макеоднија и Албанија и едногласно да донесат позитивна одлука за започнување преговори на нивната следна средба, имајќи ги предвид можните последици, јавува дописникот на МИА.

Заедничката резолуција на политичките групи на Европскиот парламент-  Групата на народните партии, Социјалистите и демократите, Обновена Европа, Зелените и Слободната европска алијанса, Европските конзервативци и Обединетата левица, поднесена од 58 европратеници, со оглед на нивната бројност во Европскиот парламент треба да биде усвоена напладне во Стразбур со огромно мнозинство.

Подносителите на резолуцијата изразуваат „длабоко разочарување од неможноста на Унијата да се согласи за започнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, заради блокирањето од Франција, Данска и Холандија, со оглед на тоа што обете држави направија значителни напори за исполнување на барањата на Унијата за започнување на пристапните преговори“.

Во резолуцијата и се честита на Северна Македонија за историското и задоволително решавање на тешките билатерални отворени прашања и унапредувањето на добрососедските односи, особено преку договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Притоа се повикува Советот на ЕУ да ги земе предвид позитивните пораки пренесени од овие договори и реперкусиите на нејзината одлука за политичка стабилност, регионална соработка и мирен соживот. На Република Северна Македонија и се честита и за придонесот кон мирот во Балканот и како одличен пример за тоа како да се најдат мирни решенија за долготрајни спорови. Во резолуцијата исто така се повикува на продолжување на процесот на дијалог Жан Моне како клучен инструмент за поддршка.