“Големите уметници оставаат големи дела зад себе по кои вечно ќе ги паметиме и после нивната смрт. Ќе им бидеме вечно благодарни за гламурот и уметничката вредност која ја оставиле на фестивалската сцена. Незаборавното музичко доживување на светскиот композитор и диригент Енио Мориконе, со чиј настап на Античкиот театар во Охрид беше отворено 49-годишното Охридско лето, ја круниса уметничката вредност на фестивалската историја на Охридско лето. Музички совршениот Мориконе ќе остане запаметен како уметник кој на повеќеилјадната публика и приреди концерт кој нема да се повтори токму како и самиот негов наслов „Беше еднаш во Македонија“…, велат од најголемата културна манифестација во нашата држава 

Славниот италијански и светски композитор и диригент Енио Мориконе, кој со својот разновиден и богат опус стана легенда во светот на музиката и филмот, почина на 91-годишна возраст, но неговите култни музички дела ќе останат да зборуваат за неговата големина. Македонската јавност ја имаше таа чест и можност да ужива во неговата виртуозност во рамките на Охридско лето.

“Големите уметници оставаат големи дела зад себе по кои вечно ќе ги паметиме и после нивната смрт. Ќе им бидеме вечно благодарни за гламурот и уметничката вредност која ја оставиле на фестивалската сцена. Незаборавното музичко доживување на светскиот композитор и диригент Енио Мориконе, со чиј настап на Античкиот театар во Охрид беше отворено 49-годишното Охридско лето, ја круниса уметничката вредност на фестивалската историја на Охридско лето“, изјавија по повод смртта на Мориконе од нашата најголема културна манифестација “Охридско лето“, за чија афирмација велат и самиот тој има огромен придонес.

Настап врежан во македонската меморија

Како диригент со повеќе од двесте уметници, хорот на “Македонската опера и балет“ и филхармонискиот оркестар „Гјор“ од Унгарија, тој имаше неповторлив настап на свеченото отворање во 2009 на “Охридско лето“. Настап кој се врежа во меморијата на бројни љубители на уметноста кои се присетуваат на двочасовната филмска приказна, во која имаше композиции од повеќе легендарни филмови како „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот запад“, „Недопирливите“, „Мисија“, „Сицилијанскиот клан“,„Битката кај Алжир“, „Истрага на граѓанин под сомнение“… Од сцената на Античкиот театар маестрално прозвучија 20-те филмски музички теми, кои оскаровецот Мориконе ги создал во својата богата композиторска кариера“, велат од “Охридско лето“.

Античкиот театар,пак, беше претесен за оние кои сакаа да уживаат во настапот на големиот композитор. По секоја музичка целина следуваа гласни аплаузи и овации од гледачите што од почит кон композиторот застануваа на нозе и бараа уште музика. Музички совршениот Мориконе ќе остане запаметен како уметник кој на повеќеилјадната публика и приреди концерт кој нема да се повтори токму како и самиот негов наслов „Беше еднаш во Македонија“, настан кој во е реткост и претставува вистинско доживување да се биде дел од него.

„Избегнувам да давам премногу комплименти, но ова е еден посебен град, посебно место и тоа сакам да го нагласам во оваа прилика. Голема чест ми е што јас ќе го отворам фестивалот ‘Охридско лето’, изјави тогаш Мориконе за Охрид и Античкиот театар. Тој доби и Медал за заслуги за Македонија.

Енио Мориконе е роден во Рим на 10 ноември 1928 година. Познат по своите бројни филмски музички теми, од кои 30 напишал за вестерн филмовите, по кои ќе стане препознатлив. Сепак и покрај неговата големина, некои детали од неговата биографија се малку познати за јавноста.

 

Живот полн со предизвици

Енио Мориконе е роден на 10 ноември 1928 година во Рим како син на Либера и џез трубачот Марио Мориконе. Се школувал во Националната академија на Света Сесилија за труба, композиција, хорска музика и хорско диригирање под водство на Гофред Петраси, кој имал големо влијание врз него и на кого Мориконе му посветил повеќе концертни дела. Мориконе ги напишал своите први композиции кога имал само шест години, а бил охрабрен да го развива својот талент, но и да биде подготвен да ја преземе улогата на таткото, и дома и на работа. Тој прво отишол во Санта Сесилија за да земе часови по труба кога имал девет години. Мориконе официјално влегол во конзерваториумот во 1940 на 12-годишна возраст, запишувајќи четиригодишна програма за хармонија. Тоа беа тешките години од Втората светска војна во силно бомбардираниот „отворен град“, а композиторот истакнал дека она на што најмногу се сеќава е гладот.

Мориконе се смета за еден од највлијателните филмски композитори од доцните 50-ти. Добро е познат по долгогодишните соработки со меѓународно признатите режисери како Серџо Леоне, Брајан де Палма, Бери Левинсон и Џузепе Торнаторе.

Неговиот ран опус вклучува симфониска и камерна музика, ја изградил својата репутација пред сè со пишување музика за филм, но и за театар и телевизија. Компонирал и уредувал партитури за повеќе од 500 филмски и телевизиски продукции, како и за шпагети вестерн филмовите на Леоне: „За грст долари“, „За еден долар повеќе“, „Добриото, лошиот и грдиот“ и „Беше еднаш на Дивиот запад“… Во 80-тите години, Мориконе компонирал партитури и за хорор филмот на Џон Карпентер “Суштество“, на Леоне “Се случи еднаш во Америка“ , за филмот “Мисија“ на Роланд Жофе, за “Недопирливите“ на Де Палма …

Мориконе е добитник и на највисоката филмска награда, почесниот Оскар од Американската филмска академија во 2007 година, а во 2016 година Оскар за музика за филмот на Квентин Тарантино „Омразената осморка“.

Тој почина ноќта помеѓу 5 и 6 јули на 91-годишна возраст, во римска клиника како резултат на пад, при што го скршил колкот. „Corriera della sera“ пишува дека погребот ќе се одржи во кругот на семејството – „во духот на чувството на понизност кое отсекогаш ги инспирирало неговите врвни делата и било печат на неговото постоење“.