ЕМА додава ретко воспаление на ‘рбетниот мозок како несакан ефект на вакцината на Астра Зенека

64

 Експерти од Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска предложија како можен несакан ефект на вакцината против коронавирус на Астра Зенека да се додаде ретко воспаление на ‘рбетниот мозок (попречен миелитис).

Вакцината наиде на неколку пречки, вклучително и прекин на производството и регулаторни истраги поради ретки случаи на сериозни несакани ефекти како што е згрутчување на крвта, што доведе неколку земји да ја ограничат или прекинат нејзината употреба.

Комисијата за безбедност на ЕМА, исто така, ја повтори својата препорака слично предупредување да се примени и за вакцината на Џонсон и Џонсон.

Попречниот миелитис е воспаление на едната или двете страни на ‘рбетниот мозок и може да предизвика слабост во рацете или нозете, сензорни симптоми, проблеми со мочниот меур или варење.

Комисијата ги разгледа податоците и заклучи дека може да постои причинско-последична врска меѓу овие вакцини и попречниот миелитис.

Регулаторната агенција не даде никакви информации за пријавениот број на такви случаи по вакцинацијата, но наведе дека на информациите за вакцината е додаден попречен миелитис како несакана реакција со непозната зачестеност.

Извештаите за сериозни болести на нервниот систем, исто така, беа во центарот на прекинот на истражувањето во раните фази на развојот на вакцините на Астра Зенека и на Џонсон и Џонсон, кои се засновани на слична технологија.