„Ел Класико“ ќе се игра сред недела

166

На 26 октомври требаше да се одигра најголемиот дерби натпревар во Примера дивизион, дуелот помеѓу Барселона и Реал (М). Сепак, според последните информации кои пристигнуваат од Шпанија, дуелот помеѓу вечните ривали е под знак прашалник.

Фудбалската федерација на Шпанија и раководните лица во Ла Лига, не сакаат тој натпревар да биде одигран на „Ноу Камп“. Барселона, како и цела Каталонија, се парализирани поради секојдневните протести кои се организирани откако шпанскиот Врховен суд изрече затворски казни за организаторите на референдумот за независност на Каталонија кој се одржа пред две години.

Челниците на двете институции не дозволуваат во една таква ситуација, кога цела Каталонија е на нозе, поради одлуката на Мадрид, во бунтовната покраина да дојде омразениот симбол од главниот град на Шпанија. И Влата на Шпанија потврди дека е против одигрувањето на тој натпревар во Барселона. Ла Лига предложи првата дерби пресметка да биде одиграна во Мадрид, но тој предлог не беше прифатен од двата клуба.

Затоа натпреварувачката комисија на Фудбалската федерација на Шпанија предложи дерби пресметката да биде одиграна на 18 декември, односно сред недела. Таквиот датум им одговара на двата клуба затоа што истиот ден се играат и натпреварите од првото коло во Купот на Шпанија, а Барса и Реал (М) се слободни.