Елмас предизвика „земјотрес“ на „Марадона“

961

Репрезентативецот на Македонија, Елиф Елмас, е една од главните теми во сите фудбалски медиуми на Апенинскиот полуостров. Иако поголемиот дел од натпреварот го одиграа со играч помалку, фудбалерите на Наполи ја искористија предноста на домашниот терен и сосема заслужено со 2:0 ја добија премиерната пресметка во новата сезона од Серија А, против екипата на Венеција. Македонскиот интернационалец натпреварот го почна од клупата за резервни фудбалери, но веќе 35 минута доби шанса да влезе на зелениот терен како замена за повредениот Пјотор Зелински.

„Азурите“ дојдоа во водство во 62 минута откако капитенот, Лоренцо Инсиње, го реализираше ударот од белата точка, а десет минути подоцна, во листата на стрелци се запиша и Елиф Елмас. Претходно, во 22 минута, директен црвен картон заработи напаѓачот на Наполи, нигерискиот интернационалец, Виктор Осимен.

  • Прекрасно е чувството да постигнаш погодок на првиот натпревар од новата сезона и пред верните фанови. Само најдобрите тимови можат да добијат еден ваков тежок натпревар. Покажавме дека можеме да го диктираме темпото иако игравме со еден играч помалку. Задоволен сум што се запишав во листата на стрелци и сакам да му се заблагодарам на тренерот за вербата која ја има во мене, за вербата која ја покажува откако седна во тренерското столче. Мислам дека нашиот тренер има голем удел кога е во прашање силата на овој тим и убеден сум дека можеме да постигнеме многу под негово водство, изјави по натпреварот репрезентативецот на Македонија.

И тренерот на Наполи, Лучијано Спалети, беше задоволен од играта и од конечниот резултат.

  • Нашата игра е доказ на нашиот победнички менталитет. Уживав во играта на мојот тим во второто полувреме. Бевме бавни и противникот ја читаше нашата игра во првото полувреме. Честитки за противничките фудбалери, ги знаеа сите наши тактички движења. Играчите мора да знаат што можат да постигнат. Нема да се постигне зацртаната цел ако само се жалиме. Сакаме да имаме спрецифичен идентитет и мора да сме сфесни што можеме да постигнеме, изјави Спалети.