Ако и сега не научивме дека сè на светот е домот и љубовта, семејството, фамилијата – нема спас за нас, смета познатата водителка

На Ели Танасковска од Македонската телевизија вообичаениот работен и животен ритам од неодамна ѝ е трансформиран. Атрактивната водителка на неделниот магазин, поради новите услови и ангажмани наметнати од пандемијата на коронавирусот и мерките за заштита, во моментов е дел од екипата на Утринската програма.

А само пред еден месец имаше различен ритам од досегашниот. Работеше работа која ја сака, патуваше кога сака, без стеги и оптоварувања во животот.

Таа со своето семејство (сопругот и помалата ќерка Леона) пред неполни два месеца беа во посета на ќерка ѝ Симона во Торонто за да присуствуваат на крштевањето на нивната внука Изабела.

Многу кусо по доаѓањето во Скопје, на Ели, како и на сите други, пандемијата ѝ донесе страв, неизвесност и промени во животните навики.

Па вели: “Koга бев мала, легнував на трева и ги гледав облаците, давајќи им облик и име. Кога пораснав, сфатив дека пораснатите луѓе, станаа себични, алчни. Присвоија сè за себе. Создадоа облакодери, го параа небото, во трката за пари изградија ходници под вода, поврзуваа острови со челик. Никој не слушна како стенка кротката Земја. И што направивме?! Комфорни домови, соби кои не ги користиме, глисери кои служат за неколку дена, отсутни татковци, зафатени мајки, сами деца. И дојде еден невидлив нано воин, кој ја покори цела планета и ни кажа дека сме мали и немоќни, со сите пронајдоци и пари. Ни одржа лекција, дека болеста може да ги покоси сите, и оние со милиони и тие без пари“, топло зборува Ели.

Живот низ прсти

Вели дека не е исплашена, но дека силно трепери пред броењето на нови  жртви. “Сите што ги сакам и ги познавам сакам да се здрави и живи. Не ги бројам деновите во карантин. Не ми паѓаат тешко. Одамна домот е мојот рај. Семејството – моја оаза. Сега, само повеќе имам време да си направам дијалог подолг со себеси. Да легнам наутро во креветот на Леона, да ја гледам додека спие, да ја галам и разбудам со бакнеж. Да го испратам сопругот на врата, онака како одамна тоа го правев. Да го прегрнам како првиот пат кога сфатив дека тој е тој. Колку вредни моменти ни бегале низ прсти, а душата секогаш ова го барала – раскажува таа.

На прашањето како ѝ успева сега на 50 и некоја години да изгледа поубаво од пред 10 години, таа низ смеа раскажува: ”Кога имав 13 години, ми велеа дека имам 19. Кога наполнив 50, ми велеа изгледаш 10 години помлада. Сега сум над 50 и мислам дека сум најсреќна од кога и да е. Знам дека е така. Да, и на овие години Промоиталиа ме прогласи за свој aмбасадор. Зашто си го слушам телото. Бев спортист, броев километри на патека во базен. Мислев ако еден ден не вежбам, тонусот ќе падне. Сега се смеам. И кога имам 10 кг плус, јас сум истата, само научив како да прилагодам гардероба. Ама, сепак, ете односот кон себе ти вели „води сметка“, ни разјаснува.

Ни кажа дека нема предрасуди кога медицината и технологијата се во служба на убавината.

–  Не пушам, не пијам, уживам во редовни козметички третмани. Еден ден, нешто силно во мене ми рече, дека треба промена. Мојата долга коса во локни, заштитен знак за миг се распосла на подот. Сосема кратка фризура, за првпат од кога бев родена. Реакциите беа различни. Од „супер си“ до „што си направи?“ Но, јас бев среќна, ни откри.

Тврди дека само балансот го спасува човекот. “Жена сум која носи љубов во секоја клетка. Го сакам семејството, пријателите, роднините, соседите, животните. Пеам додека одам на работа, уживам додека пишувам текстови. Имам три другарки со кои ги делам најубавите моменти, ми ја намалуваат тагата, споделуваме рецепти на група и гласно се смееме. Се подмладуваме енергетски! Мојот еликсир се моите најблиски, вели Ели.

Кога времето стои

Се присети дека неколку пати со семејството избегнале да се отселат во Шведска, во Канада, но судбината сепак одредила, Канада да е нивниот втор дом.

– Ќерка ми Симона замина 2012 година и оттогаш Канада е нашата редовна релација. Го сакам Пирсон, кога слетувам, не го сакам кога полетувам. Ги бројам месеците. Станав баба и целата вселена мене ми додели таква радост од која не престанав да плачам во мигот кога Изабела дојде на свет. Бев присутна на тој чин. Не заспав цела ноќ. Ја гледав во собата. Го гледав моето дете и детето на моето дете. Сто пати се заблагодарив на Бога за оваа радост. Јас прва ја капев, ја облекував, пеев. Се радував на првото запче, на проодувањето. Не бев на првиот, не бев ни на вториот роденден. Океани меѓу нас, а тие најприсутни во нас.

Пред неполни два месеца, надополниле за сè, имаа и крштевка и роденден на внуката. Со љубов во очите таа раскажува колку динамично и мило дете е Изабела. “Се слушам со Симона по неколку пати во денот. И таму се во карантин, градинките не работат. Ги мислам, ама длабоко во мене верувам дека сите што ги знам и сакам, ќе се здрави и среќни”, верува Ели.

Смета дека ако не беше полицискиот час, немаше да ги слушнеме птиците, да ги видиме заедно гулабите на трева. “Сè е запрено. Времето стои. Планетата зема здив. Ете и снег падна во април. Ова е време за инспирација, за нова креација. За љубов пишувам, за потреба од љубов. За ново време, нови вредности, нови рестартувања, почит. Дојде време, за нови шанси. Ако и сега не научивме дека сè на светот е домот и љубовта, семејството, фамилијата… нема спас за нас”.

Л. Грџо Дамовска