Македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска синоќа присуствуваа на свечена вечера, која во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција

Сопругата на македонскиот претседател Стево Пендаровски уште еднаш покажа дека е дама со стил, и тоа на свечената вечера што завчеравечер, во чест на лидерите на земјите членки на НАТО, учесници на Самитот, ја приредија кралот на Шпанија, Фелипе Шести и неговата сопруга, кралицата Летиција.

Ѓоргиевска и овој пат ја покажа дипломатската елеганција во целосно светло.

На вечерата се појави во црвена креација, дело на македонскиот моден дизајнер Никола Ефтимов, во која буквално блесна парирајќи ѝ на кралицата Летиција, која во светот важи за икона на модата.

Фустанот го надополни со салонки во иста боја.

Кралицата, пак, ги пречека гостите во елегантен црн фустан без ракави, со ѕвонест долен дел, кој го искомбинира со црни сандали „маноло бланик“.

Македонската прва дама е позната по елеганцијата и по својот префинет вкус за модата, но и по тоа што на важните државнички настани го придружува својот сопруг облечена во креации на македонски модни крeатори, поддржувајќи ја и промовирајќи ја на тој начин и македонската модна сцена.

Инаку, Елизабета Ѓоргиевска во исклучително впечатлива креација на Лидија Георгиева го придружуваше претседателот Пендаровски минатата година, во Рим, по повод чествувањето на свети Кирил и Методиј.

Во Ватикан, тие имаа аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост – папата Франциск.

Почитувајќи ги строгите протоколи за дрес-код, Ѓоргиевска носеше црн костим со долги ракави и превез со кој се покрива главатa.

Костимот беше збогатен со вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од псалтир со последование од 16 век.

Особено значење имаше симболиката вметната во везот на превезот, во кој е содржана реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, напишана на глаголица.

Во елегантна црвена креација со црни копчиња, креирана од Ирина Тошева, пак, во октомври минатата година, таа со својот сопруг, претседателот Пендаровски, беше во дводневна официјална посета на Грција.