Електраната КОГЕЛ ќе затоплува 3.500 домаќинства, но и училишта и градинки

320

Во кругот на поранешна Железарница почна со работа когенеративна гасна електрана КОГЕЛ. Електраната е капацитет на АД ЕСМ и ќе работи во рамките на подружницата „Енергетика“ од која со топлинска енергија се снабдуваат корисниците од населбата Автокоманда.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, истакна дека преку КОГЕЛ со парно греење ќе се снабдуваат околу 3.500 домаќинства, 17 основни и средни училишта и градинки, како и преку 75 правни субјекти од производството.

– Пред речиси две години инвестиравме околу 13 милиони евра за купување и ставање во функција на оваа постројка која десетина години беше во мирување. Ваквиот тип на енергетски постројки се од исклучителна важност за стабилноста на електроенергетскиот систем, бидејќи при евентуален недостаток на електрична енергија од останатите капацитети како што се термоелектраните, хидроелектраните, само за неколку минути можат да се стават во функција и да произведуваат струја затоа што работат на гас, а воедно се и еколошки чисти – нагласи Ковачевски.

Директорот за производство на АД ЕСМ, Благојче Трпоски, посочи дека КОГЕЛ нуди можности за пласирање на три производи – електрична енергија, топлинска енергија и технолошка пареа.

– Зависно од сезоната можеме да работиме во режим кој ни одговара и во комерцијален аспект и од аспект на техничката сигурност при снабдувањето со електрична енергија и договорите кои ги имаме потпишано. Со овој капацитет имаме можност за околу една третина да ја зголемиме и базата на корисници кои се снабдуваат со топлинска енергија од кај нас – рече Трпоски.

Фото: Н.Батев