ЕК предложи реформа на политиката за азил и миграција, Балканот стратешки партнер

42

Пактот за азил и миграција на Европската комисија (ЕК) се објави една недела порано, под притисок на последните случувања во бегалскиот камп во Мориа, од земјите од западниот Балкан ќе се бара силна соработка, а визниот режим ќе служи за условување, јави дописничката на МИА од Брисел.

По години обиди да се реформира таканаречениот систем „Даблин“ и бројните неуспеси, Европската Комисија денеска презентира компромисно решение кое, се надева, ќе ги задоволи сите земји членки на Унијата, се поотпорни кон миграциските текови.

За да се избегнат досегашните адхок решенија, со бродови кои не можат да се вкотват, парализирани одлуки за релокација на барателите на азил, притисокот врз надворешните граници, Комисијата предлага „нов старт“ и смета дека ЕУ мора да воведе предвидлив и стабилен систем на управување со миграциските текови.

Конкретно, Комисијата предлага забрзана процедура на третман и скрининг на барателите на азил кои пристигнуваат на надворешните граници на ЕУ, главно во Грција преку Турција.

Освен тоа, ЕК се обидува да воведе поголема солидарност за прием на бегалците, но системот останува нејасен, како што покажа и денешната прес конференција на еврокомесарите задолжени за миграција. Во предлогот, Комисијата не воведува задолжителна релокација на мигрантите и бегалците туку “задолжителна солидарност“, што значи дека секоја земја членка ќе може да избере како ќе учествува во системот: дали ќе прими бегалци, или пак ќе партиципира во репатријација на одбиените баратели, или конечно преку оперативен придонес.

Останува, меѓутоа, нејасно како Комисијата планира да избегне иста ситуација како пред оваа реформа, во која и натаму истите земји ќе примаат бегалци.

За Северна Македонија и за западниот Балкан генерално, најважен дел од новиот предлог ќе биде засилената соработка со Фронтекс, европската крајбрежна и гранична агенција, во делот на борбата против “трговијата со луѓе“ и “нелегалната миграција“.

Како идни членки на ЕУ, вели Комисијата, земјите од регионот на западниот Балкан треба што побргу да го интегрираат системот.

-За западниот Балкан е потребен прилагоден пристап, поради нивната географска локација како и поради нивната иднина како интегрален дел на ЕУ: координацијата ќе помогне да им се обезбеди опременост како идни членки да одговорат конструктивно на заедничките предизвици, да ги развијат своите капацитет и гранични процедури за да ги приближат до ЕУ, пишува во новата стратегија на ЕК.

Агенцијата Фронтекс ќе може да работи заедно со локалните сили на националната територија на земјите од западен Балкан и да им “обезбеди практична помош на партнерите за нивните капацитети за гранично управување„, како и да помогне во “соработката за оптимизација на доброволно враќање“.

Во делот на доброволното враќање и реадмисиите на граѓани од трети земји кои се одбиени за меѓународна заштита или азил, Европската Комисија во февруари предложи нов механизам на ревизија на слободните визни режими за трети земји. Механизмот уште не е усвоен и функционален, но би требало да стане во следните месеци.

Целта е визниот режим да служи како “услов“ за третите земји кои не соработуваат, како што објасни денес и самата еврокомесарка за внатрешни работи, Илва Јохансон, одговарајќи на новинарско прашање.

-Не сакаме да работиме со закани, но имаме нова легислатива од февруари за одлуките за визи и со тоа Европската Комисија ќе изготвува извештаи за сите земји за тоа колку добро соработуваат во делот на реадмисијата, што може да има последици врз визниот режим со таа земји, ова постои и со нетрпение чекам да почнеме да го користиме, рече Јохансон.

Извор:МИА