Викендов делови од Западна Европа беа погодени од екстремни горештини предизвикани од бран топол воздух од Африка. Температурните рекорди за овој период од годината се срушени во Франција и Шпанија, а болниците и енергетските мрежи се под притисок.

Метеоролозите во Франција предвидуваат дека температурите во некои делови од земјата денеска ќе достигнат до 42 Целзиусови степени. Научниците предупредуваат дека климатските промени предизвикуваат ваквите периоди на интензивна топлина да се случуваат порано и да се поинтензивни.

Топлотниот бран што ја погоди Франција е најраниот таков бран од почетокот на мерењата во 1947 година, соопшти француската Национална метеоролошка агенција.

Земјоделците во Италија предупредуваат на влијанието на сушата врз приносите. Нивото на водата во реката По падна за 75% во однос на просекот. Во шпанскиот регион Каталонија пожарникарите се борат со шумски пожари.

Топлотниот бран ќе пристигне и кај нас

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со услови за краткотраен пороен дожд во југоисточните делови попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. УВ= 8

Н апочетокот на неделата следува период на постабилно време. Ќе преовладува сончево со повремено зголемување на облачноста и со постепен пораст на дневните температури.

Услови за појава на краткотраен пороен дожд понекаде и со грмежи ќе има во понеделник на крајниот југоисток, но и во вторник кога преку денот ќе дува и засилен северозападен ветер.

Температурите ќе бидат во пораст, од 33 степени во понеделник, кон крајот на неделата, четврток и петок се очекува да достигнат и до 38 степени Целзиусови.

СМО: Топлотните бранови пред почетокот на летото во Европа се најава за она што следува