Екстра Нена последната југословенска претставничка на Евровизија: „На изборот во Малме, стравував за својот живот“ – По некое лошо непишано правило војните ги следат евровизиските фестивали

332

Пејачката Снежана Бериќ, попозната по уметничко име Екстра Нена, беше последната претставничка на некогашна СФР Југославија на „Песна на Евровизија“. Оваа пејачка е од Белград и важи за исклучително музикална и талентирана за пеење, но и за многу комуникативна личност. За голем број критичари, таа има и вкус за сценско облекување, а има и неверојатни енергија и харизма, па голем број новинари ја споредуваат со славната Тереза Кесовија, која ѝ е, всушност, музички миленик.           На своите концерти, таа често го пее големиот хит од Тереза – „Пријатељи стари гдје сте“.

Во она време кога настапи на Евровизија, беше исклучително популарна на овие географски простори. На Песна на Евровизија настапи во 1992 година, пред самиот распад на државата. Многумина се согласуваат со тоа дека поради лошата политичка ситуација во СФР Југославија, имала лош пласман, освојувајќи го 12. место. Но, за сите познавачи на музиката, имала исклучително добра песна, нешто во стилот на распеаните медитерански шлагери. Ја пееше песната „Те бакнувам со песните“ од композиторот Раде Радивојевиќ. Оваа песна сè уште се слуша. Нена и денес се сеќава на тој ризичен настап:

– Бев многу нервозна, не заспивав, се плашев! Тие денови во Малме, Шведска, која беше домаќин на Евровизија, стравував од заканите на непријателите на Југославија. Стравував за својот живот! Јас бев отидена таму не да водам политика, туку да пеам под знамето со петокрака на сè уште постоечка држава. Имав силно обезбедување од шведските полицајци, но лошите мисли не можев да ги отстранам. Наместо да сум ѝ посветена само на музиката, на мојата песна, јас се оптоварував со големата дилема дали сè уште ја претставувам Југославија, која таа година веќе беше зафатена од страшната крвава војна.  (Д.М.)