Голем скандал го стресе кипарскиот фудбал изминатите неколку дена поради бомбашкиот напад на еден судија, па затоа тамошното првенство е во прекин. Непозната личност поставила бомба под автомобилот на 33-годишниот судија Андреас Константину, а за среќа експлозијата предизвикала само материјална штета без човечки жртви.

Автомобилот бил паркиран пред станот во кој живее судијата, кој во последно време добивал постојано закани од фудбалските фанатици. Пред некое време и челниците на АЕЛ Лимасол жестоко го обвинија Константину, поради еден натпревар во Купот заради сомневање за наместен натпревар од страна на обложувалничките мафии.

Инаку, кипарската полиција соопшти дека е уапсен 30-годишен фудбалер, кој наводно е поврзан за наводно местење на натпревар во Втората лига на оваа земја, пренесува АП. Оваа информација се поврзува токму со споменатиот бомбашки напад.

Фудбалската федерација во оваа земја одлучи да го прекине првенството и во наредните неколку дена ќе биде познато кога ќе се одиграат одложените натпревари.