Kанцерот не е смртна пресуда… кај мене луѓето не умираат

1150

На контото на д-р Басара се 2.200  реализирани трансплантации со матични ќелии, со  87% до 90% на излекуваност на пациентите. Басара вели „За мене не постои препрека во медицината  која не можам да ја совладам кога е во прашање човечкиот живот”. Таа за пациентите е и надеж и спас, затоа медицинските сестри од Балканот кои работат во Германија ја нарекуваат „икона на медицината”.  За изминативе 10 години со трансплатација на матични клетки се излекувани најмалку 40 пациенти од Македонија, од кои голем број се деца
Меѓу пациентите кои ги лекувала, д-р Басара има и голем број  граѓани од регионот од Србија, Македонија, Црна Гора, а јавноста ја знае и по успешното лекување на тешко  оболениот од апластична анемија, Жељко Митровиќ, сопственикот на ПИНК телевизија, како и познатиот српски водител во РТСа, Дејан Деки Пантелиќ, кој исто така го излекувала од тумор на крајници.

Кога ќе се спомене името на професорката д-р Надежда Басара се знае дека се зборува за еден од најголемите стручњаци за трансплантација на матични клетки во Германија и во Европа. Повеќе од 20 години светот за Басара зборува за нејзините успеси во лекувањето на тешко болните пациенти.

Д-р Басара во моментов е директор на интерната клиника „Малтезер Ст. Францискус”, лоцирана во германскиот град Флензбург, во Германија. Таа пред 22 години од Белград заминала во Германија, без да знае ниту еден збор германски, но сепак тоа не ù било пречка да го научи јазикот и да напредува во успешната кариера, да стане доцент, но и прва  жена од Југоисточна Европа која не е родена и школувана во Германија, а станала професор по медицина.Таа пет години била на чело на трансплантацискиот центар во Универзитетската клиника во Лајпциг. Благодарение на д-р Басара овој центар по резултатите на лекување на леукемијата и по бројот на реализирани трансплантации е на прво место во Европа.

Оваа силна жена енергијата ја црпи од љубовта кон медицината, луѓето, работата и семејството. За неа најголемата сатисфакција е кога ќе го излекува пациентот, оти тоа го смета за свој личен успех,што ù дава нова енергија по патот на успехот. Таа вели дека дијагнозата рак не значи веднаш и смртна пресуда.

Меѓу пацинетите кој ги лекувала д-р Басара има и голем број граѓани од регионот, Србија, Македонија, Црна Гора, а јавноста ја знае и по успешното лекување на тешко  оболениот од апластична анемија  Жељко Митровиќ, соственикот на ПИНК  телевизија, како и познатиот српски водител во РТСа, Дејан Деки Пантелиќ, кој исто така го излекувала од тумор на крајници.

Пантелиќ во едно свое интервју посочил дека во моментите кога се лекувал во Германија и кога му било многу тешко, д-р Басара  го охрабрила со зборовите:  „Дејане, кај мене луѓето не умираат”.

Листата на успешни  лекувани пациенти не завршува тука, таа е долга и дел од неа се  познати лица од регионов и Европа, но тие не сакаат нивните имиња јавно да бидат обелоденети.

На контото на д-р Басара има 2.200 реализирани трансплантации со матични келии, со  87% до 90% на излекуваност на пациентите. Со оваа  врвна докторка  весникот „Вечер“ изминатите години веќе имаше две ексклузивни интервјуа, но заради бројните успеси ја побаравме повторно д-р Басара, која со задоволство прифати да одвои дел од своето драгоцено време и одговори на нашите прашања поврзани со револуционерните методи на медицината и новиот начин на лекување.

Професорке Басара, драго ми е што повторно ќе одговорите на прашањата на весникот „Вечер“, пред сè заради нашите македонски пациенти  кои веруваат во Вас и Вашето лекување, за нив сте и надеж и спас. Имате многу успеси, но да се потсетиме кога ја направивте Вашата прва трансплантација и од тогаш до сега колкав е бројот, но и  процентот на успех?

– Првата трансплантација  ја направив во 1997 година  додека работев на трансплатациската клиника во Идар-Оберштајн. Самостојно ја дијагностицирав болеста кај пациентот, му одредив терапија и направив трансплантација  со матични клетки од несроден донор, т.н. алогена трансплантација. Од тогаш до сега направив 2.200 трансплатации со матични клетки. Во последниве 8 години од кога сум директор и  шеф на лекарите во Флензбург, статистиката зборува дека процентот на преживување две години по трансплантацијата е 87 %. Тие две години пациентите редовно доаѓаат на контрола и со тоа може да се води евиденција. Овој резултат е на врвот на светската статистика.

Патот по кој одите е долг и успешен. Како станавте врвен медицински специјалист-онколог и професор по медицина токму во Германија, земја каде што медицината е во самиот светски врв? 

– Еве веќе како 22 години живеам и работам во Германија. Почнав прво да работам во покраината Рајнска област – Пфалц каде што луѓето по менталитет се многу слични на нашиот. На клиниката во Идар-Оберстејн станав началник, а набргу на универзитетот во Маинз, благодарение на работата, но и на студиите што ги објавив во меѓународни списанија. Станав доцент по интерна медицина и имав предавања на студентите за интерна медицина. Потоа на повик на претседателот на Европското здружение за трансплантација почнав да работам во Лајпциг, покраината Саксонија, каде што на 600 години стариот Универзитет станав професор, благодарение на меѓународните трудови. Интересно за таа покраина е што живеат Лужички Срби, кои потполно се интегрирани во германското друштво, но својата традиција и јазикот си ги задржале и признаени се како малцинство. Од пред 9 години сум на цело на интерната медицина во Фленсбург, којашто се наоѓа во северна Германија, на граница со Данска. Тогаш бев повикана од страна на директорот на клиниката  да го водам онколошкиот оддел Норд, што се состои од шест клиники од две покраини, како и трансплантацискиот центар што го отворив по една година, а по две години го активирав-вели за весникот “ВЕЧЕР” д-р БАСАРА.

Дали се сеќавате на името на првиот пациент кому му направивте трансплантација и дали сега е во добра здравствена кондиција?

-Првиот мој пациент е Германец и се вика Берлин Лутз. Исто така и вториот пациент е Германец и се нарекува Михаел Едгерс. Од тогаш се поминати 22 години и двајцата  одлично се чувствуваат. Ги повикав пред две години кога го прославував јубилејот на клиниката на којашто работам. И двајцата дојдоа, што многу ме израдува, при што ми подарија нешто што не очекував, а тоа е еден од најубавите подароци што сум ги добила во мојот живот-златен медал  на интернационалното натпреварување во спасување на луѓе од вода. Медалот го освоил мојот прв пациент Лутз и со тоа сакаа да ми покажат дека се во добра кондиција, но и дека живеат со елан и позитивна енергија.

Што значи брзата дијагностика за успехот во лекувањето на болеста?

-Сè! Добра и брза дијагностика ја одредува судбината на болеста, дали пациентот

има шанса да биде излечен или не и поради тоа е исклучително важна. Моментално, кај сите малигни болести е неопходна молекуларна дијагностика, која во Германија е готова за 48 часа. Таква ефикасност нема ниедна земја во Европа, дури ни Шведска, која се смета за една од земјите со најдобра здравствена заштита во Европа.

Познати сте и во Македонија. Сте лекувале повеќе пациенти од разни градови коишто имале сериозни заболувања,  дали се тоа млади или  постари лица и можете ли да издвоите еден од нив како пример?

-Досега лекував околу 40 пациенти со малигни болести и тоа во главно беа млади луѓе. Направив трансплантација на едно 15-годишно девојче од Охрид со матичните клетки од нејзиниот 12-годишен брат (В.Н.).Тоа е најмлад донор за што  како благодарност му дадовме златна медаља.Интересно е да се објасни дека се работи за малку позната, но хумана тема, бидејќи за  донацијата на матичните клетки од малолетни деца се одговорни родителите кои официјално потпишуваат дека се сложуваат, но секако ако прифати и самото малолетно лице. Се почитува и неговата желба,а не само желбата на родителите. Јас секогаш ја почитувам желбата на донорот, таа да биде на доброволна основа, а не под притисок на родителите. Затоа барам да се потпише и малолетниот донор-вели за весникот “ВЕЧЕР” д-р БАСАРА.

Д-р Басара, Вие со посебно внимание се посветувате на македонските пациенти, чинам дека тоа  македонско пријателство се должи на Вашиот сопруг Бранислав кој има потекло од Македонија? 

– Точно бабата и дедото по неговата мајка го имале презимето Бошковиќ и се по потекло од селото Тресонче. Таму уште стои таблата на малото каде што живеело семејството Бошковиќ. Тие во 1926 година заминале во Белград, така што мајка му  е родена во Белград и зборувала дека има потекло и од Црна Гора. При последната наша посета на Скопје бевме и во Тресонче. Интересно е дека тука преку планината се наоѓа Кичево каде што мојот сопруг во 1982-1983 година служеше војска, а јас му одев на посета.

Со Вашето огромно знаење и искуство најчесто практикувате најсовремени  методи за лекување на болестите. Дали сте имале пациенти  на кои тешко им се одредила дијагноза  и што значи брзата дијагностика за успехот во лекувањето на болеста?

 -Да, ги лекувам пациентите со современи методи и современи лекови. Но ако знаеш како да лекуваш нема препреки во примената на лековите и во новите методи. Онкологијата и хематологијата во последниве десетина години се развиваат многу брзо, пред се заради развојот на молекуларно-генетските методи што ја утврдуваат целта за дејствување на  лекот. Ако само една недела не ја следите литературата и не ги читате научните студии во медицинските списанија, веќе сте недоволно информирани. Со истата брзина се менуваат и нашите препораки  за лекување на хематолошките и онколошките болести. Пред почетокот на лекувањето, прво ја проверувам дијагнозата па потоа го осмислувам концептот на лекувањето. За жал, морам да кажам дека поголем број од пациентите од Македонија и Србија  доаѓаат на лекување со погрешна дијагноза. Јас дијагнозата секогаш ја проверувам во референтна лабораторија и молекуларна биологија. Германија е земја која во светски рамки котира како многу добра за поставување на дијагноза, што е и предуслов за избор на протоколот за лекување. Исто така можам да ги вклучам пациентите во научна студија во случај да нема регистрирано лек за нивната болест.

Ги лекувате сите луѓе без оглед на нивната политичка и национална припадност, вероисповед и боја на кожа. Народот Ве сака дури медицинските сестри од Балканот кои работат во Германија Ве опишаа како „икона на медицината”?

– Малку претераа, сакаа да го охрабрат мојот началник за трансплантација кој доаѓаше во нашата клиника од Минхен, па му рекле: „Знаете ли кај кој доаѓате, таа е како икона во Србија“. Јас не сум икона, јас само до крај се борам за мојот пациент и во случаите кога не постои регистриран лек за нивната болест. Го вклучувам најчесто пациентот во студија преку која тој  добива и гратис лек. Со тоа му овозможувам да се лекува и излекува, бидејќи за мене не постои препрека во медицината  која не можам да ја совладам кога е во прашање човечкиот живот.

Во каква здравствена состојба сега е Вашиот пациент Жељко Митровиќ, газдата на ТВ Пинк и познатиот водител Дејан Пантелиќ, кому му кажавте додека го лекувавте дека кај Вас луѓето не умираат?

– Самите можете да заклучите. Тие постојано се присутни во јавноста со своите успеси во работата. Убаво кажа Митровиќ во едно интервју кога рече дека после лекување со коњски серум  се чувствува супер  и имам сила како коњ. Често пациентите по лекувањето имаат мотивација и повеќе се активни, бидејќи повеќе го ценат животот, оти се свесни дека се излекувани од тешка болест.

Што ќе им препорачате на граѓаните во Македонија како да го зачуваат своето здравје подолго?

-Најмалку половина час дневно  да се движите во природа и да практикувате медитеранска исхрана односно овошје, зеленчук, риба, пилешко, а црвено месо само еднаш неделно. Редовно да се оди на превентивни прегледи на лекар и стоматолог, бидејќи колку порано се открие болеста толку е поголема шансата да се излекува. Да се избегнуваат стресни ситуации бидејќи најчесто ти се причина за болести. Немојте да пушите…

Дали соработувате со Вашите македонски колеги од  Клиниката за хематологија во Скопје?

– Имаме одлична соработка. Секогаш кога ќе се сретнам со колегите од Хематологија на интернационалните конгреси издвојуваме време за кафе и разменуваме информации за пациентите.

Валентина МАРЈАНОВИЌ