ЕКСКЛУЗИВНО ОД ХРВАТСКОТО ПРИМОРЈЕ ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР: Туристички бум во Хрватска и по некој македонски турист

Масовните гужви и вообичаената слика на групи туристи од Кина и Јапонија, кои организирано доаѓаа по старите градски јадра на хрватските градови, оваа година изостанаа, сепак туристи на Јадран има. Топлото лето и добрата епидемиолошка состојба во земјата, минатиот викенд донесе речиси милион туристи на разни дестинации на јадранскиот брег. Има и по некој македонски турист. Според протоколите кои се пропишани, македонските граѓани за влез во Хрватска мора да поседуваат ПЦР-тест не постар од 72 часа, а истиот тест им треба и за враќање дома, ја зголемува цената на летувањето на и онака скапото хрватско приморје. Така, летувањето во Хрватска и годинава ќе биде остварливо за оние со подлабок џеб. Што се однесува до сместувањето, цената зависи од понудата, условите и локацијата и во приватни апартмани се движи од 25 до 40 евра па нагоре, а во хотел од 80 евра и поскапо. Организирани се разни акции со попусти.  Така, во помалите места може да се најде и сместување и од 30 евра ноќевање за едно лице во хотел

1531

Од нашиот специјален известувач од Хрватска,

Милена ГЕОРГИЕВСКА

 Длабоко навлегуваме во туристичката сезона за ова лето, по многу нешта чудно, но сепак прекрасно, особено покрај море. Сонцето, плажите, солта се дел од деновите кои сакаме да си ги дозволиме како заслужен годишен одмор, бегајќи од вообичаеното секојдневие. Па да си дозволиме по некое возење со брод, по некој ручек или вечера во зависност од можностите, или пак само кафе, пиво или сладолед. Во сето тоа секој си го наоѓа своето задоволство.

Туристи на Јадран има

Распространетите пешкири и костимите за капење на терасите од апартманите или хотелите, гости по кафулињата и кафеаните, плоштадите и плажите, слика која сепак годинава не ја одмина Хрватска. Ефектите од глобалната пандемија со коронавирусот и пропагандната хистерија, која се создаде во хрватскиот случај, како стојат работите воопшто нема да се покаже како лоша и негативна работа како што беа предвидувањата.

Иако, масовните гужви и вообичаената слика на групи туристи од Кина и Јапонија, кои организирано доаѓаа по старите градски јадра на хрватските градови оваа година изостанаа, сепак туристи на Јадран има. Има и по некој македонски турист. Со оглед на протоколите кои се пропишани, македонските граѓани за влез во Хрватска мора да поседуваат ПЦР-тест не постар од 72 часа, а истиот тест им треба и за враќање дома, ја зголемува цената на летувањето на и онака скапото хрватско приморје. Така, летувањето во Хрватска и годинава ќе биде остварливо за оние со подлабок џеб.

Туристичката сезона во Хрватска позитивно изненадува ако се има предвид фактот дека на почетокот на сезоната предвидувањата беа дека ќе биде остварена бројка од само 30 отсто од минатогоднишната сезона. Топлото лето и добрата епидемиолошка состојба во земјата, минатиот викенд донесе речиси милион туристи на разни дестинации на јадранскиот брег. Минатиот викенд е забележан вистински туристички бум. Имено во петокот и саботата  на наплатната рампа  кај Лучко се евидентирани 72.116 возила, што е само 3,7 отсто помалку од истиот период лани. Реки возила се слеваа на автопатот „Далматина“, кој води на море.

Она што е куриозитет за оваа година, освен вообичаените Дубровник, потоа „кралицата на туризмот“ како што ја нарекуваат Опатија, вистински туристички подем доживеаја Шибеник, Макарска, Вир, Новаља и уште десетина места на јадранскиот брег.

Апелите на владите некои земји кои Хрватска ја ставија на црвената листа и укажуваа да се остане дома поради сигурност, како да не допреа до редовните гости најмногу од Германија, Австрија, Чешка, Полска и други, кои сепак се одлучија својот годишен одмор да го поминат во Хрватска.

Поволна епидемиолошка состојба

Најмногу поени Хрватска собра од добрата епидемиолошка состојба и како цело време земјата се бореше со месеци за заштита од пандемијата со коронавирусот. И кога кон средината на јуни земјата ги отвори границите, хрватскиот туризам беше прерано отпишан. Во моментот, Хрватска бележи надолен тренд на бројот на заболени со ковид-19, со исклучок на некои денови кога бројката малку се зголемува поради новите жаришта главно врзани за места каде што младите се забавуваат. Таков беше случајот со Зрче на Паг, каде што многу млади странски туристи доаѓаат главно поради забава, а во таа гужва ретко кој почитува дистанца или други епидемиолошки мерки. Таквите жаришта се идентифицирани и надлежните веднаш реагираа, па под посебен надзор се особено затворени простори за забава на младите.

Во медиумите осамнаа вести на заболени матуранти од Италија и Германија, но според надлежните хрватски епидемиолошки служби, тие покажале симптоми на болеста по 3 дена од престојот во Хрватска, што упатува на тоа дека се заразиле на друго место, а не во Хрватска.

Безбедноста и заштитата од коронавирусот во Хрватска е оставена на совеста на самите граѓани, имено нема никакви казни за неносење маски или слично, туку епидемиолошките мерки се на ниво на препорака. Така беше и од почетокот на пандемијата и во времето на месеците кога бевме под „лок даун“. Во затворени простотии задолжително треба да се носат маски – продавници, шопинг центри, аптеки, јавен превоз и сл. Келнерите кои ве послушуваат секако треба да носат маски. Но, далеку од тоа дека во Хрватска луѓето се толку дисциплинирани, па да ги почитуваат сите мерките. Но, несфатливо ми е зошто некои воопшто носат маски, кога ги ставаат под нос, што не е редок случај.

Лето со корона

Даниел Рос, турист од Британија на својот инстаграм-профил опишува како го доживеал своето хрватско летно искуство.

„Победник во категорија на физичка дистанца е секако аеродромот. Ако сакате да отидете некаде ова лето, избор за поскап хотел ќе ви осигури ексклузивен, општествено дистанциран одмор. Надвор на улица, друга приказна. Тесните улици на Хвар, полни со барови и ресторани со гости кои пијат жестоки пијалаци, навидум незагрижени за ковид-19.“

Во оваа борба за секој гостин, и пополнување на капацитетите, цените на сместувањето се намалени од 10 до 30 отсто и во приватните апартмани и во хотелите. Но, сепак, некои од нив ќе останат затворени поради тоа што им се откажани сите резервации, а нови воопшто немаат.

Истото се случува и со рестораните, кафулињата, апартманите и приватните соби, но и хотели. Додека некои се полни со гости и релативно добро ја поминуваат сезонава, има такви со пополнетост од 80 отсто, други остануваат полупразни или речиси празни. Така, кога на крајот ќе се соберат бројките, не значи дека сите што се занимаваат и живеат од туризам ќе можат да бидат задоволни.

-Луѓето имаат страв, им се сменија и навиките со корона-кризата, па сè помалку гости ни доаѓаат во ресторан. Гледаат да бидат на отворено, само се дружат во кругот на потесните семејства, дома готват и одат на плажи каде што мислат дека ќе има помалку туристи да можат да си обезбедат комодитет, но и сигурност за време на годишниот одмор, вели ѕа весникот ВЕЧЕР еден угостител од Далмација.

Бидејќи неизвесноста беше многу голема што ќе се случува со сезоната, годинава е изоставена работна сила во туристичките капацитети од земјите од опкружувањето. Страмежливите бројки кои постојано се зголемуваа  повлекоа дел од домашна работна сила.

И како и секое лето, особено внимание привлекуваат велелепните јахти и звучни имиња кои крстосуваат на Јадран. Годинава иако помалку сепак можеа да се видат, како своевидна атракција и покажување на статусот на одредени, секако малубројни личности, кои сепак успеале со своите милионски приходи да заштедат и за јахта.

Цени

Па секако, цените се пресудни во одредување на дестинацијата за летување. За многумина Хрватска претставува скапа земја за летување. За споредба ќе наведам само неколку цени, па вие сами пресудете дали е скапо или не.

Платежна валута во Хрватска е куна и за 1 евро се добива околу 7,5 куни. А што може да се добие за едно евро – евентуално топче сладолед, цената е од осум куни нагоре, кафе еспресо исто 8 куни и некое печиво во пекара или паштета во продавница. Газиран или овошен сок е 15 куни, пиво од 17-20 куни нагоре, секако се тоа зависи од локацијата и „имиџот“ на кафулето. За ноќните забави пијалаците се околу 30 куни, а секако се повеќе се актуелни коктелите кои се послужуваат по цена од 45 куни и повеќе.

Доколку огладните при прошетките на градот или одите на плажа, цената во местата за брза исхрана се движи од 7-8 куни за печива во пекарници, до 30-ина куни за пица на парче или некој сендвич. Ако вашиот избор е некој ресторан, најевтина варијанта е пица или тестенина која порција може да чини околу 80 куни. Ручек или вечера во ресторан за четиричлено семејство може да чини околу 350 куни без пијалак, предјадење и десерт. Секако за автохтони јадења цената е повисока некое евро.

Доколку пак преферирате елитни ресторани, еден е во Дубровник „360 степени“ и другиот е „Пелегрини“ во Шибеник, добитници на „Мишелинова ѕвезда“ што ги стави на листата на најдобрите светски ресторани. Е во „Пелигрини“ ручек од три следа по ваш избор од 19 јадења (месо или риба и морски плодови) чини од 320 куни или след од шест јадења 620 куни. Дегустациско мени со јастог, риба, телешко и друго е 856 куни. Вината се од 375 до 640 куни за премиум селекција на вина.

Од рецензиите запишани на страницата на „Пелегрини“ еден гостин напишал „Пелегрини“ ве остава без здив. Сè е разработено до последниот детаљ. Во „Пелегрини“ ништо не е случајно. Во секоја чинија, секое залче во следовите се чувствува љубов, бескомпромисна љубов кон кулинарството. Сервисот е ускладен како оркестар, топол, шармантен и професионален“.

Што се однесува до сместувањето цената зависи од понудата, условите и локацијата и во приватни апартмани се движи од 25 до 40 евра, па и повеќе, а во хотел од 80 евра и нагоре. Организирани се разни акции со попусти.  Така, во помалите места може да се најде и сместување и од 30 евра ноќевање за едно лице во хотел.