ЕКСКЛУЗИВНО: На минус 20 степени за една ноќ расклопивме и сокривме 14 авиони!

4763

Деновиве се одбележа годишнина од создавањето на македонското воено воздухопловство по распадот на СФРЈ и повлекувањето на ЈНА од нашата земја. Ѓорги Чачкиров е еден од ретките хроничари и актери во македонското воздухопловство кој ексклузивно за весникот ВЕЧЕР раскажува дека тој бил иницијатор на сочувување на авионите, едрилиците и падобраните со кои располагаше тогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија да не бидат однесени при повлекувањето на тогашната ЈНА. Чачкиров говори како во една ноќ биле расклопени 14 авиони, кои со камиони-шлепери биле пренесени на скришни безбедни места, а во наредните денови, истото било сторено и со 17 едрилици и 300 падобрани. Оттука почна македонското воздухопловство

Светлана БЛАЖЕВСКА

Воздухопловството на овие македонски простори бележи долга историска традиција. Носители на ваквите активности, главно биле аероклубовите, кои дури и предничеле во некогашните заеднички држави, како Кралството Југославија и СФР Југославија. Во таа насока, познато е дека првиот аероклупски цивилен авион, на просторот на некогашното Кралство, бил сопственост на Областниот одбор на аероклубот во Скопје. Тоа било во 1925 година кога бил купен авионот од типот „Кодрон“ и летал над небото на Македонија. Во текот на 1926 година, на аеромитинг, на некогашниот аеродром Зајчев Рид крај Скопје, биле направени првите падобрански скокови, кои се вбројуваат меѓу десетината први скокови, повторно во тогашното Кралство. И така се нижат сериозни историски воздухопловни активности.

Но, се чини дека и покрај интересот на пошироката јавност, малку се придава важност на пишуваните документи и сведоштва за тој богат историски развој, оставајќи простор секој да создава или пишува сопствена воздухопловна историја.

Еден од ретките хроничари и актери во македонското воздухопловство е Ѓорги Чачкиров. Тој бил долгогодишен познат воздухопловец, пилот и човек кој пред и по осамостојувањето на Македонија вршеше повеќе одговорни функции во македонското воздухопловство. Беше директен актер и учесник во македонското воздухопловство и во време на распадот на поранешна  Југославија. Токму тој бил иницијатор на сочувување на авионите, едрилиците и падобраните со кои располагаше тогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија. Тој беше и пилотот кој ги направи првите летови над независна Република Македонија и им ја даде првата преобука на воените пилоти на тогашното македонско воено воздухопловство.

По надлетување на воените авиони и хеликоптери, над Скопје во средата на 10 јуни, како одбележување на денот на нашето воено воздухопловство го побаравме за разговор Чачкиров, кој бил непосреден учесник во создавањето и на ова ново воздухопловство.

– Можеби не е толкав голем историски настан, но сепак е. Прв полетав над сувереното небо над Република Македонија, а бев и првиот инструктор на пилотите од нашето воено воздухопловство на кои им дадов преобука на авионот од типот „утва 75“ – вели Чачкиров.

За тие немирни времиња на распадот на СФРЈ ќе рече:

– Тогаш, во предвечерјето на распадот на тогашната државата, како генерален секретар на Воздухопловниот сојуз на Македонија размислував како да ги сочувам, односно сокријам леталата, а започнавме со расклопување и разнесување на авионите и едрилиците на договорените места. Иако со аматери, членови и симпатизери на аероклубовите, акцијата се одвиваше на највисоко професионално ниво и покрај тоа што надворешната температура беше околу – 20 степени Целзиусови. Членовите на клубовите, заедно со професионалните авиомеханичари во воздухопловните школи во Скопје, Куманово, Прилеп, Битола и Штип, таа ноќ расклопија 14 авиони, кои со пристигнатите камиони-шлепери беа пренесени на скришни безбедни места. Во наредните денови, истото го сторивме и со 17 едрилици и 300 падобрани – раскажува Чачкиров.

На 14 јануари 1992 година стигнала наредба од Командантот на ВВ и ПВО на ЈНА и од Воздухопловниот сојуз на Југославија да се прелетаат авионите на аеродромот Петровец и да се предадат на ЈНА. Подоцна, за ваквата наредба Чачкиров телефонски бил информиран од тогашен командант на аеродромот Петровец.

– Но, авионите веќе беа скриени и безбедни, а по ваквите писмени и телефонски наредби, време беше да почнеме да се криеме и ние кои раководевме и учествувавме во целата оваа организација. Меѓу нив беа: Лазар Поповски (покоен), Ванде Гавровски, Часлав Спасовски, Илија Трајковски, Борис Јаневски, Пецо Илиески, Владо Крајчевски (покоен), Ацо Дрогрешки, сите авиомеханичари и многу други – вели Чачкиров.

Во тој период, тој се присетува на стресот во кој живееле и како што вели „го знаевме само ние”.

– Подоцна, во текот на месец март, ЈНА си замина, а ние почнавме „полесно“ да дишеме и да размислуваме за враќање на авионите, едрилиците и падобраните на своето вистинско место – на спортските аеродроми. За да го задржиме нивото на безбедност и сигурност, во меѓувреме ја собравме целокупната документација која ја имавме овде, а јас преку пријателски релации организирав инспектор од Белград да ја донесе преостанатата документација. Меѓу останатите настани, тогашниот командант на новото македонско воено воздухопловство, полковникот Миле Манолев и командантот на аеродромот Петровец, полковникот Митко Павлов, ме замолија неколку авиони да бидат префрлени на аеродромот во Петровец, каде што би се склопиле и летале, со што би „заличило“ и военото воздухопловство. Тоа и се случи. Четири демонтирани авиони беа пренесени на аеродромот Петровец, каде што под директно раководство на авиомеханичарот Темелко Милевски беа склопени и технички прегледани. Бидејќи немавме воздухопловна власт, на повеќето авиони своеволно дадов насока го ставивме новото македонско знаме, а наместо „ЅУ“, на регистрацијата поставивме „МЦ“. Тоа „МЦ“ испровоцира, брзо да бидеме опоменати од меѓународните воздухопловни власти и да ни кажат дека ни се доделува регистрација „З3“ (зулу три) – додава Чачкиров.

Во продолжение тој кажува дека за потврдување на целосната исправност на авионите, требало да се направат и пробни – тест летови за нивна регистрација. Тоа е направено на 9 јуни 1992 година и всушност беа првите летови на сувереното македонско небо, со новото македонско знаме.

Чачкиров со посебна гордост раскажува како тој ги извел првите четири летови на сувереното македонското небо, а уште погордо зборува за 10 јуни 1992 година кога им давал преобука на малкутемина останати пилоти во Македонија и основоположници на новото македонско воено воздухопловство.

Денес, Чачкиров е горд на нашето воено воздухопловство и влегувањето во НАТО алијансата, со што многукратно се крева нивото и на нашето воено воздухопловство, но вели, никогаш не треба да се заборават сериозните активности на членовите, професионалците и поединците на аероклубовите во нашава држава, кои ја создадоа основата и ѝ ги дадоа сопствените авиони на новото македонско воено воздухопловство.

– Од 1923 година до сега, во мозаикот наречен македонско воздухопловство, се нижеле запаметени и незапаметени личности, а тој мозаик ќе продолжи да се шири со нови авијатичари, кои ќе оставаат свои белези. Некои од нив, можеби и во среќни околности, оставиле свој историски белег, но го оставиле – вели Чачкиров, првиот пилот кој летна на сувереното македонско небо.