Ако во минатото знаевме да кажеме дека зад секој успешен маж се крие успешна жена, денеска се почесто знаеме да кажеме дека зад секој успешен бизнис стои успешна жена. Дека е така веќе многу пати има докажано и м-р Дафинка Дина Муцунска која долги години е генерален менаџер на хотел Манастир во Берово, експерт консултант за туризам, угостителство и хотелски менаџмент и претседател на Планинскo спортски клуб – Малешевска Корија, Берово.

Нејзините успеси на бизнис полето не можат да се набројат на прсти, за тоа сведочат бројните награди и признанија како што е таа за Менаџер на годината 2018 и најуспешна жена претприемач за источен и југоисточен региот 2017.

Освен како успешен бизнисмен и фамилијарен човек, Дина е позната и по својот здрав начин на живеење. Слободното време таа го посветува на спорт во сала за вежбање или природа, но и несебично споделувајќи го своето искуство и знаење.

Поради пандемијата со коронавирусот, Дина поголемиот дел од времето го поминува во Берово, а во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР откри како ги помине Велигденските празници во изолација и како да останете во совршена форма кога сте „заробени“ домашни услови.

Како планирате да ги поминете Велигденските празници со оглед на тоа дека мора да се почитуваат мерките за самоизолација?

Велигденските празници години наназад ги поминувам со семејството во хотелскиот комплекс Манастир, па така и оваа година.

Но годинава верувам многу ќе ми недостасуваат членовите од поширокото семејство и роднините со кои секогаш го чествуваме празникот заедно, ангажираноста и посветеноста на работата на моите колеги, раздвиженоста на гостите и нивните задоволни, насмеани лица, џагорот и смеата на најмладите посетители и вечерната литургија во манастирот Св. Архангел Михаил со нејзината света мистичност која не обвзема сите ноќта при дочекот на Големиот ден.

Сепак позитивната семејна атмосфера и енергијата на љубов, ќе ги исполнат празничните денови со многу уживање.

Времето поминато со децата и родителите ми е навистина драгоцено, оптимизмот и борбеноста се семејна карактеристика и определба, па позитивниот дух со многу хумор е секојдневие. Навиките кои ги имавме и до сега во однос на рекреацијата ги прилагодивме на домашните услови, а имаме и повеќе време за дружење, заеднички игри и разговори, кое е бесценето.

Дали може на читателите на Вечер да им откриете како ја одржувате Вашата совршена фит форма?

Благодарам за комплиментот.  За мене совршената фит форма првенствено зрачи со здравје и енергичност и секогаш „носи“ насмевка на лицето. Мора да го сакаме она кое го правиме, а и како да не го сакаме кога го правиме за самите нас.

Така што одговорот би бил: мојата фит форма ја одржувам со многу љубов. Храната и течноста кои ги внесуваме се енергија, благодарение на која функционираме во секојдневието.

Колку ќе сме способни за нашите физички и умствени активности зависи директно од она кое го јадеме и пиеме, како и од одморот, односно од нивниот взаемен распоред и сооднос во временската рамка.

Во текот на годините се пронајдов во многу спортови во кои навистина уживам, но основата за сите во однос на физичката подготвеност, снага, кондиција, па и спортска естетика, ми се фитнесот и тежинските тренинзи. „Совршената фит форма“ бара посебен приод, многу знаење и за исхраната и за стимулација на мускулите со физичка активност и за комбинирањето со периодите на одмор. Благодарение на мојата љубопитност и интерес на оваа тема уште како мала, имам акумулирано доста знаење, кое го практикувам и постојано надградувам, а и веќе децении наназад овој начин на живот ми е дел од мојот животен стил, кој ме релаксира од стресот и ми дава енергија, дисциплина и фокус за посложените животни и професионални предизвици.

Дали може да дадете некој совет како да се остане во совршена фит форма кога сте “заробени”  во домашни услови?

Секако и во домашни услови и доколку немаме никакви спортско – рекреативни помагала, можеме да останеме во добра па и „совршена фит форма“, а при тоа и да не ги тормозиме комшиите со вежби во кои има скокање, трчање во место и сл.

Има многу ефективни вежби кои можат да се прават со сопствената килажа, чија добра страна е тоа што дури и да не ги изведувате правилно, не можете посериозно да се повредите, отколу да речеме неправилната техника на вежбање со тежини.

Овие две вежби доколку ги правите и во нивните основни форми, со поголем број на повторувања или пак со својот максимален број во секоја серија, па дури и да почнувате со две повторување, е секогаш подобро од ниедно и ќе ви донесат за некое време резултати. Како трета вежба, вклучете вежби за стомачни мускули, повторно постојат многу различни, а вие изберете ги оние кои вам ви се најтешки. Кога совладуваме напор, најчесто имаме прогрес.

Да ги спомнеме склековите, кои се одлична вежба која опфаќа многу мускулни групи особено на горниот дел на телото, а исто така во зависност од поставеноста на рацете и дланките, можеме да ставиме акцент на одредени мускули. Друга одлична вежба која опфаќа повеќе мускулни групи, но од долниот дел од телотот е „чучањ“ и повторно во зависност од поставеноста на нозете и стапалата, ставаме акцент на различни мускули.

Овие две вежби доколку ги правите и во нивните основни форми, со поголем број на повторувања или пак со својот максимален број во секоја серија, па дури и да почнувате со две повторување, е секогаш подобро од ниедно и ќе ви донесат за некое време резултати. Како трета вежба, вклучете вежби за стомачни мускули, повторно постојат многу различни, а вие изберете ги оние кои вам ви се најтешки. Кога совладуваме напор, најчесто имаме прогрес.

Многу важно е кога ги правите вежбите да бидете сконцентрирани на мускулите кои чувствувате дека ги контрахирате, всушност да имате и додатна умствена стимулација – затегање, врз нив. Секако исхраната мора да ви биде прилагодена спрема целта.

Без соодветна балансирана исхрана нема ниту добра, а не пак „совршена фит форма“.

Според мене доколку не одржувате мускули со навистина голем волумен, воопшто не ви е неопходно тежинско оптеретување, особено не за девојките/жените, а и секогаш доколку постои желба, со досетливост и импровизации можете да си создадете автентични ваши услови за вежбање, по кои задоволството од постигнатите резултати ќе биде уште поголемо.

И за крај порака до сите читатели на Вечер, како да останат силни и мотивирани при овие карантински услови…

Живееме период со многу специфични услови, треба да го прифатиме како таков и да најдеме начин како да го извадиме најдоброто од него. Можеме во целост да се посветиме на здравите животни навики, како здравата балансирана исхрана – која никако немојте да ја поистоветувате со скапа, бидејќи не е, тоа е храната произведена во нашето поднебје.

Одредете:

-термин во денот за вежбање и држете се секојдневно за него – добра идеја е и да вежбате заедно со домашните, па така ќе се поддржувате едни со други,

-друг термин за читање на книги, учење или активност во согласност на вашите ментални и духовни интереси.

Доколку живеете со семејство/домашни, исклучителна прилика на поминување заедничко време во дружење низ разговори и игри,нешто за кое досега за жал во брзото темпо на живот никој немаше време. Периодов е уникатна можност, од кој, доколку се искористи на ваков начин, ќе излеземе како подобри личности.

Марио СОТИРОВСКИ