На претстојниот Меѓународен мега-настан “Гастро-Мак 2019“ во Охрид (од 10 до 14 октомври, за кој се акредитирани над 30-тина домашни и странски новинари, меѓу кои и од весникот “Вечер“) ќе ја имаме ексклузивната можност да ја видиме екс-Југословенската готвачка ѕвезда, пионер од областа на гастрономијата, Стево Карапанџа , кој ќе биде Претседател на импресивното судско жири. Искрено вели дека за ништо на светот не би го пропуштил овој настан во прекрасниот Охрид (дојден е со сопругата) и не само поради новите сили во гастрономијата, туку и поради одличната дружба со домаќините. За него Македонците се особено познати по дружењето, впрочем како и домаќинката на настанот Адријана Алачки, како и многу повеќе познати се со голем број вкусни јадења. Па, сепак, од сите тие јадења, Карпанџа како да е вљубен во светски познатото македонско јадење тавче-гравче.
–
– Го обожавам тавче-гравчето, додека целата ваша македонска кујна е толку раскошна, а толку едноставна, вели Стево и додава: -Иако сум по потекло од местото Ловран од Јадран, мојата најслаба страна е сепак, логично италијанската кујна. Неа секогаш ѝ се враќам, можеби затоа што и најмалото гратче во Италија има свој автентичен рецепт, свои тестенини, нешто свое… Другата работа што ја препорачувам е користењето на автохтони намирници, она што е локално и најдобро токму на тоа тло, како што впрочем е македонското….