Вишокот килограми не е само естетски проблем, тој предизвикува и бројни здравствени проблеми. Според СЗО, околу 40 отсто од светската популација над 35 години е со килограми многу повеќе од нормалната тежина. Реџеп Ќамили, новинар во МРТ, во албанската редакција, на свои 35 години имал 150 килограми. Тоа било причина тешко да се движи. А новинарската професија е динамична. Особено тешко се качувал по скали, а доживеал и срцев удар. Пред шест месеци решил да го намали желудникот по оперативен пат, на една клиника во Турција и сега, како што вели за весникот ВЕЧЕР, со 50 килограми помалку се чувствува како повторно да е роден.

Дебелината е голем проблем на денешницата, бидејќи според последните светски анализи, речиси 40 проценти од населението над 35 години се мачи со вишок на килограми и е во групата на граѓани со прекумерна тежина. Брзиот начин на живот, неправилната исхрана, посегнувањето по нездрави намирници, како и немањето физичка активност, водат кон вишок килограми.

Но, дебелината не е само естетски проблем, таа предизвикува и бројни здравствени проблеми. Во борбата со вишокот килограми се препорачуваат најразлични диети, вежби, рекреативно спортување, сè со цел да се намалат или да се стават под контрола килограмите, но и покрај тоа, кај некои луѓе се случува да ги нема очекуваните резултати. Во тој случај, некои се решаваат на хируршка интервенција – намалување на желудникот, која не е баш едноставна, може да донесе и бројни ризици.

Но и покрај тоа, многу јавни личности од земјава, но и во регионот, како Дарко Лазиќ, Ана Николиќ, Дејан Миличевиќ и Инди, и во светски рамки се решаваат на хируршка интервенција, со цел да ѝ се стави крај на нивната агонија. Како и кај секоја операција, постои евентуален ризик, па така и кај овој зафат се можни одредени компликации, но, за среќа, како што велат хирурзите, ретко се случува тоа. Лекарите од СЗО предупредуваат дека обезноста или прекумерната дебелина станала еден од водечките здравствени проблеми во изминативе десетина години.

За некои лекари, намалувањето на желудникот е единствениот начин за лекување на прекумерната дебелина и за спречување други здравствени компликации на долг рок. Смалувањето на желудникот, односно гастректомијата е процедура со која желудникот се намалува за околу 75 отсто. На тој начин се намалува количината на храна што се внесува во организмот. По операцијата, пациентот добива посебен режим на исхрана, кој мора строго да го почитува за да не дојде до одредени компликации. Добрата работа е што многу побргу се постигнува ситост, па така опсесијата за прејадување е елиминирана.

Низ едно вакво искуство поминал Реџеп Ќамили, новинар во МРТ, вработен во албанската редакција, кој на свои 35 години имал 150 килограми. Тоа било причина тешко да се движи, особено тешко да се качува по скали, а доживеал и срцев удар. Пред шест месеци се оперирал во клиника во Турција и сега веќе има 50 килограми помалку.

– Пред Нова година, бев со фамилијата на вечера и изедов две фамилијарни пици, додека жената и децата едвај едно парче. Тогаш сфатив дека сум ги поминал сите можни граници и решив да ѝ ставам крај на прекумерната исхрана, да си барам чаре, па се решив за хируршка интервенција, бидејќи претходно со месеци се обидував да ослабам со диети и со фитнес-вежби. Ќе симнев по десетина килограми, а потоа додавав по 20 и само се вртев во круг. Желудникот толку ми беше проширен што не чувствував никаква ситост кога помалку ќе внесев храна – вели Ќамили за весникот ВЕЧЕР и дополнува дека се оперирал на 24 декември 2021 година и дека сега, по нешто повеќе од седум месеци, се чувствува како повторно да е роден.

По операцијата се јаде кашеста храна и како што поминува времето, можеш да внесуваш и друг вид храна, во многу мали количини, а чувствуваш ситост. Првиот месец ослабел 20 килограми.

– Оброкот ми се состои во десет лажици манџа и многу малку салата, оти капацитетот на желудникот е 200 мл. Од пред три месеци можам и леб да јадам. Но, доволно ми е тоа и сега се чувствувам одлично, и внатрешно и надворешно. Здравствените проблеми сега се намалени – појаснува Ќамили.

Тој посочи дека уште шест месеци ќе бидам на посебен режим, така што слабеењето ќе продолжи.

– Резултатите засега се фантастични, но треба да го применуваш режимот, да не го прошириш желудникот. Особено не користам газирани пијалаци, кои не се добри за желудникот и само дебелеат – дообјаснува Ќамили.

Новинарската професија бара динамичност, а со вишок килограми, тоа е големо оптоварување за организмот.

– Пред да се оперирам, многу се плашев, ама сега се преродив. Како што се вели, повторно се родив и сега, кога размислувам, пак би се решил за ваков чекор. Алал да им се парите на лекарите што ми ја извршија интервенцијата, без да имам проблеми потоа. Се надевам дека следната година ќе имам помалку од 80 килограми – завршува Ќамили, исполнет што сега не е со повеќе килограми.

(В.Ма.)