Една несекојдневна хумана приказна за пиво, срце, донорство на органи се случува во магичниот Шибеник на брегот на плавиот Јадран. На една шибенска адреса, утре ќе се оджи настан со голема човечка димензија- подигнување на свеста за донирање на органи и спасување на животи. “Herz” е првото шибенско-македонско пиво со хумана порака “ донирајте органи –спасете живот “, кое е произведено во чест на проф. д-р Сашко Јовев, македонски кардиохирург, кој по мајка е Шибенчанин и тимот во кој, меѓу другите беа и академик д-р Жан Митрев и д-р Александар Николиќ, тим кој во мај успешно ја изведе првата трансплантација на срце во Македонија.

 

Од нашиот специјален известувач од Хрватска, Милена ГЕОРГИЕВСКА 

 

 Една несекојдневна хумана приказна за пиво, срце, донорство на органи, се случува во магичниот Шибеник, на брегот на синиот Јадран. На една шибенска адреса, утре ќе се одржи настан со голема човечка димензија- подигнување на свеста за донирање на органи и спасување на животи. Свесни сме дека здравјето е најголемата вредност што човек може да ја има и да ужива во неа. И како по некое непишано правило не сме секогаш свесни за тоа, па кога болест ќе нè совлада, сфаќаме колку вистина има во поговорката „Болниот човек има една желба, а здравиот – милион“. Вредноста на животот ја цениме дури кога ќе почне да ни виси на конец. И кога некој во таква ситуација би ни понудил прилика да започнеме нов живот со ново здравје, веројатно дури тогаш би ја сфатиле целата хуманост, благородност и добрина на луѓето кои одлучиле по смртта да ги донираат своите органи и да спасат живот на сосема непозната личност.

Токму една ваква приказна пренесува еден нов производ кој е наречен  „Herz“, а станува збор за пиво со хумана димензија.

Еклатантен пример за сето претходно напишано е Иван Огњaновски, кому во мај, оваа година, успешно му беше извршена трансплантација на срце во Скопје. Приказна која длабоко во душа го допре целиот регион, бидејќи тоа беше прв случај на трансплантација на срце во Македонија.

 Спомен-пиво, кардиохирург, тим и трансплантација на срце

Знаењето и искуството на искусните крафт мајстори на пивото од пиварите Pivovara 022 Ведран и Лука Шкугор од Шибеник и Pivovara HotchPoch Скопје/Загреб, Круме Ивановски и Димитрие Јовановски од Скопје, резултираше со идејата за производство на првото шибенско-македонско пиво “Herz”, кое ќе биде промовирано утре во Шибеник.

Пивото е во чест на проф. д-р Сашко Јовев, македонски кардиохирург, кој по мајка е Шибенчанин, од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во Скопје и тимот во кој, меѓу другите беа и академик д-р Жан Митрев од клиниката „Жан Митрев“ и д-р Александар Николиќ од „Аџибадем Систина“,тим кој на 23 мај годинава успешно ја изведе првата трансплантација на срце во Македонија.„Herz“ е прво спомен-пиво во светот посветено на некој кардиохирург, неговата екипа и трансплантацијата на срце.

Доктор Јовев и шибенските корени

 Врската со шибенското пиво е проф. д-р Сашко Јовев, со неговите семејни врски кои ги негува со години. Имено, мајка му Синева потекнува од старото шибенско семејство Илијаш и додека била на студии (клиничка психологија) во Загреб го запознала сопругот Орце Јовев (психијатрија). Потоа својот заеднички животен и професионален пат тие го продолжиле во Македонија. Така, д-р Сашко Јовев уште од мали нозе секое лето доаѓал редовно кај роднини во Шибеник и тоа во улицата на познатите шибенчани, Арсен Дедиќ и Вице Вуков.

-Моите врски со Шибеник се нераскинливи. Секое лето доаѓавме во Шибеник и многу добро го познавам тој град кој остави голем печат врз моето растење и созревање. И ден денес секоја година доаѓам таму каде сè уште имам роднини. И тие редовно доаѓаат во Македонија, вели проф. д-р Сашко Јовев.

Со огромно задоволство тој го поздравува проектот со шибенско-македонското пиво „Herz“ бидејќи ја носи во себе идејата да ја подигне свеста за промовирање на донаторство на органи. Тој вели дека во Македонија свеста за донирање органи сè уште не е на такво ниво како што е во Хрватска, која предничи во Европа по тоа прашање.

Импресивно искуство уште од првата трансплантација на срце во Хрватска

 И доктор Жан Митрев има бројни релации со Хрватска. Тој својата специјализација ја завршил во Загреб, а уште како специјализант бил присутен во изведувањето на првата трансплантација на срце во Хрватска, во 1988 година кај проф. д-р Јосип Соколиќ, кој пред триесет и две години влезе во историјата на хрватската медицина, со што го заврти тркалото на трансплантациската програма која и ден денес живее со полни гради. Со тој пионерски потфат на кој сведочел и д-р Митрев и со сите следни пресадувања на срце, Хрватска стана препознатлива во целиот медицински свет. Стекнато искуство и постојаните надградувања во струката на кардиохирургот д-р Митрев му овозможиле досега да направи 15 самостојни трансплантации на срце во Германија.

Во 1997 година во Франкфурт, тој беше првиот Македонец кој сам извршил трансплантација на срце. Има извршено и уште 6 аутотрансплантации.

Во последно време во клиниката „Жан Митрев“ ја реализира програмата „Вештачко срце“ и токму овие пациенти се на листата кои чекаат да им биде извршена трансплантација на срце, па секоја иницијатива за подигнување на свеста за донирање на органи е од пресудно значење за овие болни лица.

Д-р Митрев и денес остварува редовни контакти со колеги и пријатели од Хрватска, каде што неколкупати во годината престојува, особено во Сплит.

-Одличен е секој обид и иницијатива која оди во прилог на подигнување на свеста за донирање на органи и спасување на животи. Додека во светот донаторството е на доста развиено ниво, на пример во Хрватска, во Македонија како да застана таа работа. Јас постојано укажувам на тоа дека пресудно за донаторството е да се  вклучиме во светските организации и секако да се надминат сите административни бариери кои се врзани со здравствената политика на земјата, посочува д-р Митрев.

 

Хуманата димензија на проектот на пиварите

Спомен-пивото така го доби името „Herz“ (срце), а неговите креатори се вклучија во хуманата мисија на поттикнување на донаторство на органи во Македонија. Пиво нежно на непце кое носи порака дека како напивка е здраво и дека ако во него примерно се ужива, чини добро на срцето.

Поддршка во овој хуман проект на шибенските и македонските пивари и промовира донаторство на органи дава и невладината организација „Хрватско-македонска тангента“ од Шибеник, која веќе со години успешно работи на развој и негување на пријателските и културните врски меѓу Хрватска и Македонија. На денешната промоција ќе бидат бројни видни   личности од општествениот живот во Шибеник, меѓу кои и вршителот на должноста во македонската амбасада во Хрватска, Назиф Џафери и градоначалникот д-р Жељко Буриќ, кој неодамна со делегација од Град Шибеник, а со посредство на  „Хрватско-македонска тангента“ го посети Скопје.