ЕКСКЛУЗИВНО – АЛЕН ЛЕ РОА: Немањето функционална демократија е кочница за Северна Македонија на патот кон ЕУ

92

Договорот од Преспа ја отстранува главната пречка од спорот за името, кој беше заглавен повеќе од дваесет и пет години и навистина, не можеме никогаш доволно да кажеме колку е важен тој договор што ги отвори вратите на НАТО. Но прашањето за почнување на преговори отсекогаш зависело од исполнувањето на прецизни критериуми, покрај решавањето на спорот со името, дециден е Ле Роа

Насилството ги отвори прашањата за капацитетот на земјата да ги исполни минималните барања за една функционална демократија, а, за жал, тоа се уште тежи врз сликата за земјата на нејзиниот европски пат, предупредува поранешниот специјален претставник на ЕУ во Македонија, Ален Ле Роа во интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој посочува дека враќањето на внатрешната хармонија е од суштинско значење за земјава да напредува, а тоа е задача на сите лидери, како на тие од мнозинството така и на тие од опозициските партии, заради националниот интерес. Амбасадорот Ле Роа зборува и за промената на името, темпото на спроведување на реформите, поддршката од Франција во евроинтеграциите, за претстојните претседателски избори, но и за безбедносните ризици со кои се соочува Република Северна Македонија, регионот и Европа…

Амбасадоре Ле Роа, бевте специјален претставник на ЕУ во Македонија за време на еден критичен период, постконфликтно во 2001 и 2002 година. Важите за пријател на земјава и член сте на групата пријатели “Охрид”, личност сте која вложила голем ангажман во земјава. Заминавте од Република Македонија, сега дојдовте во Република Северна Македонија – какво е чувството?

Дојдов да го претставувам нашиот премиер поканет на церемониите по повод петнаесетгодишнината од загинувањето на претседателот Трајковски. Многу силни врски ја поврзуваат вашата земја со Франција уште од времето на Робер Бадентер и јас имав особена чест да работам за стабилизација и консолидација на оваа држава, но особено за мирот во неа, бидејќи оваа земја ми е драга во срцето. Но, ништо немаше да биде можно без духот на разумот и на компромисот што го демонстрираа македонските авторитети како што е претседателот Трајковски, на кој се сеќавам со многу емоции и чии извонредни квалитети на лидерство, одговорност, чесност и на интегритет денес се препознаваат во Македонија, бидејќи тие отсекогаш биле препознаени и кај европските лидери како што е Хавиер Солана, кој имаше голема доверба во претседателот Трајковски.

Јас самиот можам да посведочам дека претседателот Трајковски беше заинтересиран само за иднината на својата земја и на сите нејзини граѓани, а не за сопствената, лична иднина.

Уставот сега ја зацврсти позицијата на Охридскиот рамковен договор како еден од темелите на националниот договор. Но, сега се отвора нова фаза со влегувањето во сила на Договорот од Преспа. Како член на охридската група личности кои биле посветени на иднината на земјата, јас сум среќен што се направи тој чекор и би сакал да им честитам на тие што учествуваа во неговата реализација и ги разубедија оние што се плашеа од негативни последици. Република Северна Македонија е меѓународна реалност, добра за светскиот мир, добра за Европа и добра за нејзините граѓани.

Се реши долгогодишниот проблем со името. Договорот од Преспа веќе се применува. Дали меѓународната заедница е задоволна од темпото?

Јасно е дека промената на името се случува со забрзана динамика во билатералните и меѓународните односи. Одговорот на меѓународната заедница, почнувајќи од Обединетите нации, се движи во очекувана насока и го одразува општото олеснување од решавањето на спорот стар повеќе од четврт век. Секој треба да ги согледа практичните правни консеквенци во согласност со меѓународното право. Процесот на интеграција во НАТО се одвива многу брзо: одговорот на сојузниците е едногласен и ветувањето беше одржано со непосредното потпишување на протоколот за пристапување и серијата ратификации кои се во тек, вклучувајќи ја и таа на Франција. Исто така, забележувам дека билатералната динамика е многу силна, бидејќи двете влади ја објавија својата намера да ги отстранат трошоците за роаминг меѓу двете земји како сигнал за нивната желба да го олеснат движењето и трговијата. Од француска страна, го гледам првиот практичен резултат преку потпишувањето од страна на нашата министерка за европски прашања на договор со кој ќе се овозможи развој на двојазични паралелки во Северна Македонија, додека овој текст беше со години блокиран поради немањето меѓународно прифатено име.

Познат е ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека Западниот Балкан и Македонија не можат да влезат во ЕУ без исполнети критериуми. Сепак, претседателот Макрон преку видеообраќање даде јасна поддршка за Договорот од Преспа и промената на името и испрати повик земјава да остане на европскиот пат. Дали сега земјава, како Северна Македонија, добива зелено светло од Франција за влез во ЕУ?

Договорот од Преспа ја отстранува главната пречка од спорот за името, кој беше заглавен повеќе од дваесет и пет години и навистина, не можеме никогаш доволно да кажеме колку е важен тој договор што ги отвори вратите на НАТО. Но прашањето за почнувањето преговори отсекогаш зависело од исполнувањето на прецизни критериуми, покрај решавањето на спорот со името.

Како го оценувате спроведувањето на реформите во земјата?

Охридскиот договор овозможи државата да се консолидира и понуди услови за стабилизација на заедниците. Времето за понатамошни реформи сега доаѓа врз основа на барањата на Европската Унија, а пред се на граѓаните од сите заедници во корист на демократската и ефикасна администрација и правда.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради низата апсења го замрзна учеството во процесот “Жан Моне#. Очекувате ли нова политичка криза, со оглед на фактот што процесот е замислен како рамка за помирување меѓу власта и опозицијата?

Не ја следам повеќе македонската внатрешна политика на дневен план, но мислам дека се уште се присутни последиците од тажните настани од 27 април. Ми се чини дека постои едно општо настојување да се сврти таа страница. Но тоа нема да се случи без да се разјаснат фактите и да се утврдат некои главни одговорности за неприфатливото насилство. Меѓутоа, најважно е да се создадат политички услови за соработка меѓу политичките сили и парламентарните механизми кои ќе го спречат враќањето на таквото насилство. Тоа ги отвори прашањата за капацитетот на земјата да ги исполни минималните барања за една функционална демократија, а за жал тоа се уште тежи врз сликата за земјата на нејзиниот европски пат. Од искуство, можеме само да се надеваме на враќање на внатрешната хармонија што е од суштинско значење за земјата да напредува. Тоа е задача на сите лидери, како на тие од мнозинството така и на тие од опозициските партии, заради националниот интерес.

На земјава и претстојат претседателски избори. Со оглед на Вашето долгогодишно политичко и дипломатско искуство, сметате ли дека е добро решение Северна Македонија да добие консензуален претседател?

Успехот на овие избори ќе претставува мошне позитивен елемент за надворешната слика за земјата, како и за нејзината внатрешна стабилизација. Претседател прифатен и почитуван од сите заедници кој ќе ја интегрира разновидноста на земјата, може да има значајна позитивна улога во периодот на реформи и адаптација.

Земјава седна со сојузниците на иста маса во НАТО алијансата. Како добар познавач на состојбите во регионот и во земјава, имаше ли безбедносен ризик за Македонија ако името не се променеше и останевме надвор од Алијансата? Дали сега можеме да кажеме дека за Северна Македонија сите безбедносни закани се отстранети? Сепак, ова е Балкан, и се уште се отворени прашањата помеѓу Србија и Косово и прашањето на Република Српска.

Јасно е дека земјата стекнува сигурност со влегувањето во најмоќната воена алијанса во светот, која не е насочена против никого, туку ја гарантира меѓусебната безбедност на нејзините членки. Тоа е плод на еден процес на соработка и размена, а успехот е и успех на неколку последователни влади и на сите оние кои работеле на потребните технички реформи. Се уште треба да се постигнат одредени подобрувања, но знамето што ќе биде поставено до крајот на годината во Брисел ќе го симболизира јасниот напредок на вашата безбедност, на таа на Европа, како и на регионот. Сите ние треба да го продолжиме нашето заедничко дејствување за стабилизација на регионот како целина. Франција одигра важна улога во тој поглед и останува директно заинтересирана за долгорочно и одржливо решавање на постојните спорови. Нема да биде заборавено дека операцијата “Конкордија#, која беше спроведена овде во 2001 година, беше првата воена мировна операција под европско знаме и го илустрира директниот интерес на Унијата за мир во овој регион.

Франција беше една од земјите на удар на терористички напади. Пред десетина дена имаше информација за спречен напад и во земјава, но без повеќе детали, што предизвика реакции во јавноста. По француските искуства, има ли место за паника?

Не мислам дека неодамнешните информации зборуваат за сериозна закана од длабински напад во земјата. Сепак, ги споделуваме истите ризици и заедно мораме да ги браниме истите вредности. Тоа е всушност и значењето на патот кон атлантската и европската интеграција по којшто, за среќа, продолжи да чекори Република Северна Македонија.

Нужни се реформи во владеењето на правото

Дали Република Северна Македонија може да очекува во јуни да добие датум за старт на преговорите со ЕУ и која област, според Вас, е најкритична на која треба најмногу да се работи?

Прашањето беше одложено минатата година за 2019, а земјите-членки внимателно ќе го разгледаат постигнатиот напредок. Областите се јасно идентификувани и се поставени агенди. Сметам дека прашањата за реформа во областа на правдата и на администрацијата и општо земено, владеењето на правото се најзначајни.

Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА

Фото: Н. БАТЕВ