На 16 јануари 2022 година, весникот ВЕЧЕР  објави разговор со академскиот вајар од Гевгелија, Јордан Јанев, правнук на славниот Гоце Делчев кој  откри интересна, за јавноста непозната приказна. Се работи за животот во Гевгелија на Ѓорги Делчев, родениот брат на Никола Делчев, таткото на македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Приказна за  личноста која доаѓа да живее во Гевгелија, по балканските војни и протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, и за која, би напоменале дека нема речиси никакви податоци во биографијата и историските списи за семејството Делчеви. По објавувањето на оваа сторија во весникот ВЕЧЕР, господинот Јанев веднаш беше контактиран од д-р Јасмина Дамјановска, авторката на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев што ја подготви Државниот архив, а која на 4 февруари 2022 беше отворена под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

На 16 јануари 2022 година, весникот ВЕЧЕР објави разговор со академскиот вајар од Гевгелија, Јордан Јанев, правнук на славниот Гоце Делчев кој откри интересна, за јавноста непозната приказна. Се работи за животот во Гевгелија на Ѓорги Делчев, родениот брат на Никола Делчев, таткото на македонскиот револуционер, Гоце Делчев. Приказна за личноста која доаѓа да живее во Гевгелија, по балканските војни и протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, и за која, би напоменале дека нема речиси никакви податоци во биографијата и историските списи за семејството Делчеви.

Се надевам,  заврши тогаш Јанев, дека ова мое искажување ќе придонесе да се фрли малку повеќе светлина на ликот на Ѓоргија Делчев, а дека некои историчарите ќе направат обид да побараат низ македонските и странски архиви многу повеќе материјал за чичкото на Гоце Делчев, Ѓоргија, кој заедно со својата сопруга Кита живееја во Гевгелија се до нивната смрт. Сега почиваат на Градските гробишта во Гевгелија.

И, навистина, по објавувањето на оваа сторија во весникот ВЕЧЕР, господинот Јанев веднаш беше контактиран од д-р Јасмина Дамјановска, авторката на изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, а која на 4 февруари 2022 беше отворена под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Материјалите кои беа испратени од страна на Јордан Јанев доктор Дамјановска ги вклучи во изложбата и во специјалниот каталог направен по тој повод.

 

Изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ на Државниот архив на Македонија, во месец април, беше поставена и во Нови Сад. На отворањето на изложбата за нејзиното значење зборуваа директорот на Архивот, д-р Емил Крстески, авторката, д-р Јасмина Дамјановска, како и директорот на Архивот на Војводина, д-р Небојша Кузмановиќ.

По враќањето од Нови Сад, разговаравме со авторката д-р Јасмина Дамјановска за значењето на материјалот за чичкото на Гоце Делчев, Ѓорѓи Делчев доставен од познатиот македонски вајар од Гевгелија, Јордан Јанев.

„Она што можам да го кажам е дека Архивот навистина првпат се соочи со
материјали за чичкото на Гоце Делчев, за кого и чија фамилија не сме
истражувале. За оваа фамилија првпат дознав и јас од вашиот напис во „Вечер“ па
контактирав со г. Јанев. Официјални материјали не сум сретнала што не
значи дека нема доколку се направи детално истражување. Му понудивме
соработка на г. Јанев и во иднина да се формира фонд кај нас во Архивот
со негови материјали за семејството, односно се надевам дека ќе имаме
можност со негова помош да формираме фонд за семејството Делчеви и

Докурчеви. Се разбира дека секогаш постојат опции за истражување за фамилиите Делчеви и Докурчеви, г. Јанев е навистина извонреден така што сметаме на неговата соработка во однос на неговата фамилија.

Исто така, му понудимев на г. Јанев можност за објавување на негови сеќавања и
пишувања во нашето списание Македонски архивист, така да Архивот секогаш
е расположен за доистражувања, обелоденувања на настани итн. На тој
начин ќе имаме можност многу повеќе да раскажеме од она што тој знае и
поседува. Државниот архив преку изложбата и преку ваквата соработка со потомците на Делчев, ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава“, заврши Дамјановска.