Еко-свест: Исфрлањето на пластичните кеси ќе влијае за намалување на отпадот од пластика

53

Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест во целост го поддржува стапување во сила на одредбите за забрана за користење на пластични кеси за носење на стоки на пазарот, која почнува со примена од денеска.

– Ја поддржуваме одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси и очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, со ваквата одлука, очекуваме да се овозможи и понатамошен развој на циркуларната економија, со што ќе се стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде соодветна инфраструктура за тоа – истакна Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Сепак, додаваат, ова е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување, па очекуваме во блиска иднина да се пристапи и кон регулирање на другите производи од пластика за еднократна употреба, како цевки, чаши или прибор за јадење.

Истовремено, Еко-свест апелира до трговците и мрежата на супермаркети во своите продажни мрежи да стимулираат користење на хартиени кеси и платнени торби за повеќекратна употреба, а повикува и на доследно спроведување на забраната за употреба на пластика за еднократна употреба во националните паркови и заштитени подрачја која исто така стапува во сила од денеска.

– Македонија на патот кон целосно интегрирање во Европската Унија мора целосно да ги спроведува и европските директиви и стандарди. Употребата на досегашните пластични кеси, за кои стандардот за биоразградливост е пропишан уште во 2013 година се големи загадувачи, тешко и многу долго се разградуваат и претставуваат опасност за целиот жив свет, затоа што ние немаме резервна планета – се наведува во соопштението од Еко-свест.