Екоцентар 97: Огласените количини опасен отпад во ОХИС базирани на информации стари над 20 години

153

Компанијата “Екоцентар 97” ДООЕЛ Скопје денеска преку соопштение појаснува дека за проектот “Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје” била избрана за најповолен понудувач на распишан Јавен оглас за „Изведување на услугата за отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС – во стечај” со Решение донесено од Основен Суд 2 на 12.10.2018 година.

– Проектот опфаќа третман на 11 различни видови опасен отпад кои беа лоцирани во кругот на фабриката АД ОХИС – во стечај, складирани во дотраени и оштетени садови повеќе од 20 години. Дополнително, количините објавени во Јавниот оглас се базирани на информации кои датираат пред повеќе од 20 години, односно, пред објавување на Јавниот Оглас не биле извршени мерења за конкретно утврдување на хемиските супстанци и настанати соединенија со текот на годините, како и евиденција со точни количини – наведуваат од компанијата.

При тоа посочуваат дека согласно увидот што го направиле бил изготвен Инвентар на хемиските материи/отпад по методологија на: претпоставени количини врз основа на декларирана количина истакната на постоечките пакувања на хемикалиите/отпадот и на димензиите на садовите и резервоарите во кои тие биле складирани.

Од изготвениот Инвентар на хемиските материи/отпад било утврдено во најголем дел несовпаѓање на огласените со констатираните количини отпад. Имено, боци со хлор според податокот од Јавниот оглас се 48 парчиња, а од увид биле избројани 81 парче. Хемиски супстанци од Јавниот оглас има 4 иницијатори, количина: 3.2 тона, а од увидот се констатирани 5 иницијатори и количина од 4.6 тона, метил акрилат мономер според Јавниот оглас е 11 тони, а при увидот е констатиран празен резервоар; Акрилонитрил Мономер според огласот требало да има 35 тони, додека увидот покажал 11 тони, Метанол во огласот било наведено 50 тони, а увидот покажал 30 тони; стари хемикалии со непознат состав се проценувало дека има 18 до 20 тони, увидот покажал 24 тони.

Од Екоцентар 97 додаваат и дека утврдување и прецизно евидентирање на точните количини од секој поединечен тип опасен отпад, предмет на Јавниот оглас, се вршел при самиот процес на преточување и препакување на супстанците, процес кој, велат, започнал по одобрувањето на Елаборат (Јуни 2019 година) и досега, сите количини на опасен отпад, со исклучок на Винил Хлоридот, се уредно измерени и евидентирани при процесот на преточување и препакување.

Сите реално констатирани количини, од секој тип на опасен отпад кој е досега третиран, се внесени во Извештаи кои се уредно доставени до Стечајниот Управник, наведуваат од компанијата.