ЕКОЛОШКИ ИНЦИДЕНТ ПРЕД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ:Протече каллива смеса од новиот коп на рудникот „Бучим“

242

Повторно протече каллива смеса од новиот коп на рудникот „Бучим“. Од Еколошкото друштво „Кленика“ веднаш реагираа и фотографии од загадувањето објавија на социјалните мрежи.

– Ова протекување стана редовна појава кога има врнежи. Постои голема опасност од пукање на браната предвидена за јаловиштето во новиот коп „Боров Дол“  – реагираа од ЕД „Кленика“.

Инцидентот се случи пред неколку дена кога вниманието на одговорните и на јавноста беше свртено кон локалните избори што се одржаа во неделата.

– Ајде да ги видиме на дело политичарите кои се борат за животната средина. Што уште треба да се случи во „Бучим“ надлежните да реагираат, ова е реалноста, вие што ќе направите – прашаа тие.

Ваквата смеса кога ќе се исуши многу лесно станува прашина која, како што иронично коментираат екологистите, ја гледаме по дождовите на нашите автомобили, демек „песок од Сахара“.

Оттаму поднеле иницијатива за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за животна средина по повод протекување на таложникот на „Боров Дол“.

– Браната е преполна, а „Бучим“ не ги вклучува филтрите, зошто е така само раководството знае. Најверојатно штеди на сметка на животната средина и на нашето здравје. Сега ДИЖС е на потег – велат од ЕД „Кленика“.

Кон крајот на минатата година стартуваше со производство ,новиот рудник за бакар „Боров Дол“, кој ќе го наследи 40-годишниот рудник „Бучим“. Оттаму изјавија дека стратегијата на компанијата е да се изврши транзиција кон новиот проект, притоа да се минимизираат влијанијата врз животната средина, да се зачуваат работните места на повеќето вработени во рудникот „Бучим“, а исто така и да се создадат и нови можности за работа за жителите на локалните општини Конче, Радовиш и Штип.

Во рудникот „Боров Дол“ беше најавено дека ќе се изведуваат активности за експлоатација на минерални бакарни суровини, а рудата ќе се транспортира до флотациониот погон во „Бучим“ преку транспортна лента. Рудничката јаловина ќе се одлага на надворешно одлагалиште, а добиената флотациска јаловина од преработката во „Бучим“ ќе се складира во постојното хидројаловиште на „Бучим“.

(С.Бл.)