ЕКЛУЗИВНО ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР ОД ЦРНА ГОРА: „Маскирано“ лето

Црна Гора бележи 90-95 отсто помалку гости одошто лани. Бока без крузери, плажи без гужви, речиси празни патишта. Државата со пакети олеснителни мерки. Дали август и септември ќе донесат повеќе гости?

2331

Од нашиот специјален известувач од Црна Гора,

Маријана ИВАНОВА- ДАВИДОВИЌ

Фото: Наташа Вукичевиќ

Чудно некое лето, овде, на Црногорското приморје. За оние на кои егзистенцијата не им зависи од туризмот, преубаво е чувството на релаксираните плажи, градови и друмови.  Додека за другите, на кои живеачката им е врзана од доаѓањето на туристите, изгледот на таквите полупразни плажи и градови е загрижувачки.

Секако, туризмот е клучниот извор на егзистенција за повеќето жители долж морскиот брег.  А статистичките податоци говорат дека има околу 90-95 отсто помалку гости одошто лани. Необично е во текот на летните месеци пејзажот на которскиот Стар град да се види без некој од оние огромни прекуокеански крузери. Или плажата Јаз без гужва „пешкир-до-пешкир“. А да се возите среде лето од Сутоморе до Петровац за само пет минути? Обично во овој период тоа е мачно, долготрајно патување, браник-до-браник, кое може да потрае и по цел час.

Природата „продиша“

Всушност, пандемијата со ковид-19 ни покажа како треба да изгледа практикувањето на одржлив туризам, не само во Црна Гора. Постарите се сеќаваат дека така и било порано, пред да се преурбанизира крајбрежјето, пред да се изгради „зграда врз зграда“ со хотели, пансиони и објекти за приватно сместување кои ги нарушија па дури и ги девастираа прекрасната црногорска природа и вредното културно наследство.

За само една, и тоа сè уште незавршена сезона, се чувствува попуштање на притисокот врз природата – рибарите одамна немале побогат улов, делфини се гледаат во морето и во Которскиот Залив, па дури е забележан кит на влезот на Бока.

Одамна е јасно дека притисокот на туризмот е преголем за капацитетот на крајбрежјето на Црна Гора. Во последните десетина години се случи градителски бум кој значително го надмина тој капацитет и сосема и неповратно го промени пејзажот. Соодветно, инфраструктурата беше оптоварена до крајни граници – патиштата и паркиралиштата пребукирани, канализацискиот систем преоптоварен да не зборуваме за тоа дека канализацијата во повеќето туристички места не е соодветно решена. Плажите едноставно „не собираа“ толку капачи…

Во текот на јуни и јули имавме среќа да уживаме во многу побистро море, почисти плажи, во мир и без гужви… Необична, но преубава е прошетката низ стариот град во Будва, Бар или Котор кога низ нивните тесни улички не морате да се судирате и да „пливате“ низ река туристи. Па седнување, на пример, на добротска торта, во кафулето „Форца“ во Котор, со ненадминливиот поглед на прекрасниот „Трг од оружја“ и старите палаци, ненарушен од толпите туристи.

Секако, уживањето во тие прошетки и седенки е притиснато од сенката на опасната болест. Задолжително е носење маски и во затворено и на отворено, што не е ни најмалку пријатно на големите горештини. И помислата дека си отсечен од пријателите, семејството, дека си на некој начин заробен и немоќен во ситуацијата во која се најде целиот свет.

Олеснителни мерки

Повеќето од бројните туристички капацитети во Црна Гора сега се речиси празни. Владата, штитејќи ја земјата од опасната заразна болест, ги затвори границите за повеќето држави од регионот па и од Европа и светот.

Ситуацијата се менува седмично, кога се објавува список на држави од кои можат да влезат посетители, и на кој начин. За граѓаните од Македонија, како и од Србија, која е клучен извор на туристи во Црна Гора, засега нема начин, или тој е неприфатлив за повеќето туристи – со обврзен 14-дневен карантин.

Надежта сепак не замира – туристичките работници веруваат дека во август и септември сепак ќе може да се „ожнее“ нешто во секторот туризам. Гостувајќи деновиве на ТВ Црна Гора, директорката на Националната туристичка организација Жељка Радак-Кукавичиќ ја објави одлуката да се отвори границата за гостите од Русија и Азербејџан, што е прифатено како добра вест за туристичката индустрија.

Повеќето договори со големите туроператори и агенции за 2021 година не се откажани, а цените на сместување во хотелите и приватното сместување се многу поповолни отколку во претходните сезони, дури за 50-70 отсто пониски.

Државниот секретар на Министерството за одржлив развој и туризам и раководител на Оперативниот тим за поддршка на туристичката економија, Дамир Давидовиќ, го претстави Третиот пакет на економски мерки, за периодот до 2024 година, во вредност од 1,22 милијарди евра, од кои помошта за туризам изнесува 215 милиони. Краткорочните мерки, до 2022 година, изнесуваат 83 милиони евра. Беше претставен и новиот производ Дигитален туристички ваучер. Краткорочните мерки за рехабилитација, кои ќе бидат ефективни во 2020 година, изнесуваат 51 милиони евра и се рефлектираат во презакажување на заеми, поволни услови за финансирање со камати и субвенции за зачувување работни места.

Имајќи ја предвид и грижата за јавното здравје и потребата граѓаните да се релаксираат во природа, владата донесе одлука не се плаќа за влез во националните паркови на Црна Гора – Дурмитор, Проклетие Биоградска Гора, Ловќен и Скадарското Езеро од 1 август до 31 декември, а се намалија и таксите за употреба на чамци на езерата, како и за рафтингот на реката Тара.

Како еден вид потврда дека, сепак, не е готово со туристичката сезона, беше посетата на две невообичаени пловила, обете со маркантна црна боја и со необични карактеристики.

Мегајахтата „Црниот бисер“ на милионерот Бурлаков вплови во Порто Монтенегро 

Foto: Jedro.me

Деновиве во Которскиот залив вплови првиот крузер, на француската компанија Понат, стар само две години. Бродот со околу 120 членови на екипажот донесе само околу 20 патници кои не се спуштија на брегот, туку само од палуба ги набљудува убавините на заливот.

Исто така, скиперите на море, а посетителите на Порто Монтенегро, луксузната марина и населба во Тиват, имаа ретка прилика да го видат едреникот „Црн бисер“, вреден 200 милиони американски долари. Мегајахтата, тројарболен едреник, плови под знамето на Кајманските Острови, а негов сопственик е рускиот милионер Олег Бурлаков. „Црниот бисер“ е еден од најголемите бродови во светот кои користат модерен т.н. систем за контрола на кружни едра Dyna Rig на своите три големи јарболи изработени од карбонски влакна. Јарболите се високи 70 метри и носат 18 едра со вкупна површина од 2.900 квадратни метри, со кои „Црниот бисер“ во поволен ветер, достигнува максимална брзина од 30 јазли, како што пишува за порталот Једро Капетан Бракочевиќ од неговиот едриличар што крстосуваше деновиве.

Музиката на Бока испраќа пораки за мир и заедништво

Фестивалот „Котор Арт“, Деновите на музика на Дон Бранко, организира неколку дена во неделата, жителите да се будат на звуците на Колото на Бокешката морнарица изведени од музичари од Котор, поврзани со Фестивалот или Градската музика на Котор. Во раните утрински часови, музичарите свират пловејќи на брод низ заливот, користејќи го морето како предавател на звук и околните планини како совршена акустична кутија. Музиката, користејќи како основа еден стар поетски текст, ја потенцира широчината, братството, националната и верската толеранција кои со векови се негуваат во Бока. Мештаните со воодушевување го прифатија ова „будење“, некои излегуваат да играат на понтите или на своите балкони и прозорци, поздравувајќи ги пловечките музичари.