Едукација за млади и вело трка во Општина Карпош

48

Едукација на најмладите за зголемено користење на велосипедот, интерактивни работилници, вело трки и организација на велосипедски настани, се само дел од активностите кои ќе се реализираат во соработка меѓу Општина Карпош и Здружението на граѓани „Еко – логик”, чии претставници денеска потпишаа и меморандум за продлабочување на соработката.

Во основното училиште „Петар Поп Арсов”, во Карпош 4, денеска учениците организираа велосипедска трка, возеа по полигон и учеа за придобивките од користењето на ова алтернативно превозно средство.

Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека Општина Карпош го реализираше и јавниот повик за субвенционирање на купување на нов велосипед, а моментално, активен е повикот за субвенционирање при купувањето на електрични тротинети.

Целта е повеќе да ги користиме алтернативните превозни средства. Уште од рана возраст, кај најмладите да создадеме навика за возење велосипед. На овој начин влијаеме кон намалување на аерозагадувањето, како еден од главните наши проблеми, рече Богоев.

Никола Нешкоски од „Еко – логик” посочи дека ќе работат со учениците велосипедот навистина да биде нивно основно превозно средство, односно да го користат секојдневно и за завршување на свои обврски, а не единствено како хоби активност.

Во училишниот двор учениците играа и меморија, а се организираше и бавна вело – трка, која имаше за цел да ги направи поодговорни учесници во сообраќајот, соопштија од Општина Карпош.

 

Извор:МИА