Активната блокада на Собранието е ефективна, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако вчера  пратениците на владејачките партии не успеаја да донесат дневен ред. СДСМ пак бараат пратениците кои ја блокираат собраниската работа да ги вратат платите, парите за дневници и патни трошоци назад кај граѓаните. Од ЛДП сметаат дека сега не е време за предвремени избори, повикувајќи да се одблокира работата на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека активната блокада која ја започнаа е ефективна од почетокот, бидејќи откако СДСМ вчера не го поддржа опозицискиот предлог за законот за АРМ, владејачките пратеници не можеа да донесат ниту дневен ред.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското Собрание, Владо Мисајловски, посочи дека тој и неговите колеги остануваат активни во Собрание со цел да ги спречат сите штетни закони кои мнозинството сака да ги протне и јавноста да дознае дека тие не поднесуваат економски закони за добробит на граѓаните, туку поднесуваат закони за да си ги полнат сопствените џебови, како што беше законот за формирање посебна лотарија.

„Можеби они наведуваат дека правиме некаква блокада, но во меѓу време они во Собрание пробуваат да си протнат закон што е посебна лотарија, да си направат еден посебен орган каде што ДУИ ќе биде главен на таа лотарија и на крајот од денот може да видиме дека тие не поднесуваат некои економски закони за добробит на граѓаните, поднесуваат свои закони како да си ги наполнат џебовите. Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати и затоа ќе има активна блокада. Кога видовте дека вчера не се донесе дневниот ред бидејќи се јавивме 37 пратеници, денеска ќе продолжиме, јас после оваа средба се враќам во Собранието и ќе останеме таму за секој граѓанин да види што оваа власт прави и тоа ни е наша обврска“, истакна Мисајловски.

И претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, најави дека неговата партија ќе ги искористи сите демократски средства и ќе се обиде да спречи носење на некои закони кои се од тесен интерес за ДУИ, како на пример обидот за приход од игри на среќа.

„Како треба да се однесува еден пратеник кога му доаѓа експресно решение за толкување на дел од законот за игри на среќа, со кое ДУИ всушност има за цел во склоп на државната лотарија да направи уште едно трговско друштво кое ќе им служи милионски суми да легнуваат на нивната сметка? Нема друг начин освен да се блокира такво решение. Затоа велам дека се легитимни вакви чекори против штетни закони, нема друг начин против оние политички сили кои веќе 20 години туркаат закони од свој интерес, узурпирајќи го и судството за да прават што сакаат. Резултатот од тоа нивно дејствување се иселување на граѓаните“, рече Села.

Од СДСМ, пак, посочија дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија во светот што во време на најголема светска економска криза го блокира Собранието и спречува носење на важни закони и ги повикаа пратениците кои блокираат да ги вратат платите, парите за дневници и патни трошоци назад кај граѓаните.

„Само за основни плати пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ граѓаните ја плаќаат 40.000 евра месечно. Дополнителни 15.000 евра добиваат за патни трошоци. Исто така врз грбот на граѓаните. Тоа се над 55.000 евра месечно народни пари кои ги добиваат пратениците на ВМРО-ДМНЕ од граѓаните. Наместо да ги заработат, тие блокираат и прават штета на оние што ги плаќаат, на граѓаните. Пратениците во Собрание се избрани од народот, за да носат законски решенија во интерес на граѓаните и државата. Граѓаните не ја дале довербата за пратениците да блокираат, да ја опструираат работата на Собранието и да не си ја работат работата“, истакнаа вчера од СДСМ.

Тие додаваат дека нивните пратеници заедно со парламентарното мнозинство ќе се спротивстават на овие блокади и ќе најдат начин, согласно сите законски и деловнички можности, да ги донесат законите кои се од интерес на граѓаните.

Либерално-демократската партија, која е дел од владејачката коалиција, по синоќешниот состанок на Извршниот одбор, оцени дека предвремените парламентарни избори во овој момент не се решение за излез од актуелните проблеми, а иницијативите на опозициските партии се поттикнати единствено од партиските интереси и желбата за освојување на власта.

„Сега е неопходно целата енергија на политичарите да се насочи кон решавање на проблемите на граѓаните кои се предизвикани од економската и енергетската криза во Европа“, велат од партијата.

Според ЛДП, Владата има доволно капацитет и стручност да се справи со предизвиците и да одговори на потребите на граѓаните.

И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, смета дека бојкотот на Парламентот што го најави опозицијата е саботажа на граѓаните. Тој се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски доколку повикува на средба за да се разговара за проблемот со Бугарија, но инаку, како што рече, не смета дека е вистинско време.

(И.С.)