ЕДНА СЛИКА – ИЛЈАДА ЗБОРОВИ: Пингвински бонтон – во ред си чекаат да добијат храна!

4948

Нема туркање, нема „јас само да прашам нешто”, нема „знаеш ли кој сум јас”. Пингвините според некој животински бонтон мирно чекаат да им дојде редот и од Маја да си ја добијат храната. Нивното живеалиште изградено според светски стандарди со пумпи, филтри, со внатрешен и надворешен базен, со зеленило, помошни простории, тераса, видиковец, беше отворено во саботата и веднаш стана атракција во скопската Зоолошка градина.

– Да учиме од животните, кај нив секогаш владее хармонија и ред, тие се водат според некој животински бонтон – коментира портпаролката на Зоо Скопје, Тина Мицковска.

Во пингвинариумот ќе живеат девет пингвини и за нив, освен Маја, се грижи и негувателот Војо. Во деветдецениското работење на Зоолошката градина, досега немало пингвини и затоа негувателите немале искуство од кое можеле да научат, но заеднички како тим, добро се вклопиле за да може да ги адаптираат овие егзотични птици овде.

– Зоолошката градина е една магија, илузија што треба да ја создадеме за да можете да мотивирате повеќе емпатија на животните и природата, како и кај самата публика за да ги сакаат и почитуваат животните – вели Војо.

Тој нагласи дека пингвините бараат многу нега на стапалата, бараат свежа риба, што е комплицирана варијанта, бидејќи неколку пати на ден треба да се одмрзнува и да се средува таа риба.

– Живеат во Чиле и во Аргентина каде често пати имаат потреба од ветер и затоа направивме специјални вентилатори, што ќе ги вклучуваме повремено за да можеме да ги разладиме пингвините. За првпат имаме живеалиште во кое водата се филтрира и потоа истата се употребува – вели Војо.

Градот Скопје ја финансираше изградбата на живеалиштето на пингвините со  околу 8,84 милиони денари.

Ѓорѓи Галетановски, директор на Зоо Скопје, посочи дека нивната мисија е да се подобри животот на сите животни, децата да ја имаат зоолошката градина за своја и ќе се продолжи со разубавување на живеалиштата се додека на влезат во Европската асоцијација.

– Кога со градоначалникот Петре Шилегов се договоривме Зоолошка да биде радост за сите деца, на ова место во центарот на Зоолошка имаше лимени тараби. Желбата на сите деца била Скопје да добие пингвини. Ние се договоривме да изградиме две живеалишта по светски стандарди и да донесеме пингвини и фламинга. И покрај пандемијата успеавме да ги донесеме за сите деца – нагласува Галетановски.

(С.Бл.)