„Вечера за глупаци“, една од најпопуларните француски комедии по текст на Францис Вебер, а во режија на Ирена Стеријовска е нова претстава во продукција на Театар комедија, која публиката ќе може да ја види на 22 ноември (20 часот).

Според режисерката Стеријовска претставата е приказна која го коментира високото француско општество, кое презафатено од се што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Новина во претставата, пак, е експериментирање со деконструкција на класичната физичка дистанца помеѓу гледачот и дејствието на приказната.

„Во претставата се занимававме со тотално елиминирање на четвртиот ѕид, дистанцата меѓу сцената и публиката и притоа направивме концепт кој претставува многу прецизна географија. Дејствието се случува во еден стан и целиот стан е претставен на сцена, а публиката е од сите четири страни. Дејствието не се крие и сакаме да претставиме некој хиперреализам кој што го користиме како алатка за раскажување на приказната“, открива Стеријовска.

Во рамките на дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева. Низ таа фарса од ситуации се отвора прашањето за тоа кои се вредностите што креираат квалитетен живот. Дали тоа што може материјално да се поседува и општествениот сталеж или способноста да се сочувствува и да се биде искрен?

Таа додава дека оваа претстава на некој начин е приказна за предрасудите на модерното општество. Концептот на постановката во случајов е таков што го казнува главниот лик, бидејќи тој станува жртва на воајеризмот на публиката.

„Имаме една таква динамика во која ја коментираме и предисторијата на приказната, но и го коментираме и социјалниот, општествениот сегмент. Се обидов овој концепт да стреми во насока театарот да го направат атрактивен и притоа да поставуваме актуелни прашања за кои вреди да се стане од фотелјата и да се дојде во театар“, вели режисерката, која додава дека претставата е вистинско доживување.

Во претставата играат: Тино Костадиновски, Атанас Атанасовски, Тони Денковски, Ема Давкова, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илијовска и Благица Трповска.

Сценографијата и костимографијата се на Ана Кркулевска-Попоски, а избор на музиката е на Александар Јорданов. (Д.Т.)