Една недела “Движи се за здравје“ – вежбањето е здраво

180

Во рамки на Европската недела на движењето што се одржува од утре до 22 овој месец, спортскиот оддел при Детскиот културен центар „Карпош“ во соработка и поддржано од Град Скопје ќе ја организира манифестација под мотото „Движи се за здравје“.

– Целта на оваа манифестација е да се потсетиме кога вежбањето беше забавно. Тоа може повторно да биде така доколку ни се придружите на нас и на милион останати низ Европа на „Недела на движење“. Низ целата недела на движењето ќе ја откриете чистата забава во трчањето, скокањето, качувањето и танцувањето додека сите сме активни заедно. Манифестацијата е од забавно-рекреативен карактер и подразбира вежби за подобрување на моторичкиот развој кај децата од рана предучилишна возраст – информира директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска.

Од секоја градинка од Скопје и околината ќе учествуваат по пет момчиња и пет девојчиња од најголемата група, а на манифестацијата ќе има вежби и со велосипед или тротинет. Манифестацијата ќе се одржи по петти пат на 17 септември со почеток во 10 часот на платото пред фонтаната Лотос во Градскиот парк.