Фудбалскиот тим составен главно од сиромашни тинејџери, пред една година влезе во туристичката јама на северот од Тајланд заедно со својот тренер. Излегоа по 18 дена по комплицирана операција за спасување која будно ја следеше целиот свет.

Повеќето од дванаесетте момчиња и денеска живеат во сиромашниот град Мае Саи во кој на времето не доаѓаше никој, а денес е полно со туристи кои сакаат да се фотографираат.

Момците се уште играат фудбал, ги тренира истиот тренер и живеат во едноставни куќи заедно со своите семејства.

Но, нивните живот добија неочекувана пресвртница. По спасувањето потпишаа филмски договор со Нетфликс, го пропатуваа светот, нивната приказна веќе е објавена како книга и направени се неколку документарни филмови.

Но, за својата драматична авантура тие не смеат да зборуваат поради ексклузивните договори кои им забрануваат контакти со новинари.

Момчињата лани ова време тргнаа на излет во пештерата, но по нив тргнаа и подземните води како последица од обилните сезонски дождови, кои го поплавија подземниот комплекс.

Се стравуваше дека сите се мртви додека двајца британски нуркачи на 2 јули не ги совладаа низата тесни поплавени патишта и коридори и ги пронајдоа живи, но заробени во една повисока одаја на околу четири километри од влезот.

По драматичната трка со времето поради стравот од поплави, сите момчиња беа спасени до 10 јули и станаа светски ѕвезди. Нивните пријатели од училиште велат дека тоа воопшто не го променило. Денес играат фудбал за новиот клуб Екапол, кој во меѓувреме беше основан од нивниот тренер Ек. Ек додека ги води тренинзите им се насмевнува на новинарите кои доаѓаат во посета, но бидејќи е врзан со договор со Нетфликс не смее ништо да им каже.

Оние кои го познаваат велат дека е воодушевен што конечно му се исполнил сонот да има сопствена фудбалска школа.

-Откако стивна бурата, ова е за него нов живот, вели помошниот тренер Нопадол Кантавонг.

Колку пари добиле од Нетфликс децата и тренерот не е познато, но се зборува дека сумата е 100 илјади долари.

Славни станаа и некои од нуркачите кои ги спасија децата. Тие едно по едно ги вадеа децата држејќи ги под себе. Поради тесните но и долги канали можеа да одат само еден по еден, па последниот, тренерот, е спасен три дена по првото дете.

Многу од тринаесетте нуркачи кои ги извлекуваа децата и тренерот беа тајландски морнарички „фоки“, но некои беа и искусни хоби нуркачи кои дојдоа од Британија и Австралија за да помогнат. Сите се најдоа среде драма каква што претходно не виделе.

-Кога дојдов си мислев дека ова е самоубиствена мисија, вели Белгиецот Бен Рејменантс кој води нуркачки клуб во тајландскиот град Пукет.

Единствената жртва од целата оваа операција беше тајландскиот нуркач Саман Гунан кој остана без кислород за време на подготвителна операција за извлекување на децата. Денес неговиот споменик се наоѓа недалеку од влезот на пештерата.

-Не сме јунаци, рече британскиот нуркач Вернон Ансворт. – Само си ја сработивме работата која беше побарана од нас. Тринаесет повеќе не е несреќен број.