Единствено гориво што го користи БЕГ – Топлификација е природен гас

61

Државниот инспекторат за животна средина влезе во Топлана Исток на „Балкан енерџи“ (БЕГ) и изврши проверка на резервоарите за мазут и на начинот на постапување со отпад, вклучително и со опасен отпад.

Оттаму информираат дека на лице место ги провериле информациите дека БЕГ резервирал големи количини мазут за целата грејна сезона од компанија на која претходно и бил запрен увоз на мазут во Хрватска заради несоодветен квалитет на горивото.

– Беше утврдено дека количината на мазут што БЕГ има обврска да ја набавува секоја година согласно Законот за енергетика е за 15-дневна потрошувачка. И покрај објавувањето на годишни јавни набавки, БЕГ не набавиле, односно, не користеле мазут од 2013 година, во која биле гасифицирани. Во резервоарите нема складирано мазут, единствено гориво што се користи како енергенс е природен гас. Извештаите за дневна потрошувачка на гориво од страна на БЕГ изработени од Регулаторна комисија за енергетика потврдуваат дека БЕГ не користи воопшто мазут како енергенс – се вели во известувањето од Државниот инспекторат.

Оттаму потсетуваат дека доколку дојде до прекин на снабдување со гас во грејната сезона во 2021 година, со потенцијално користење на мазут ќе се емитираат големи количества на штетни гасови.

– Неопходно е да се измени Законот за енергетика и наместо задолжувањето за набавка на мазут како алтернатива на гасот, да се бара воведување обновливи извори или други еколошки енергенси – нагласуваат од ДИЖС.

Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи да врши редовни контроли на топланите во БЕГ во текот на целата грејна сезона.