Европската банка за обнова и развој со кредит од еден милион евра ќе поттикува инвестиции во зелена енергија во земјава.

Средствата, како што информираат од ЕБОР, ќе се пласираат во Прокредит банка Македонија, а ќе се користат за подобрување на енергетската ефикасност на станбените објекти, ќе помогнат во намалување на емисијата на гасови што создаваат ефект на стаклена градина и ќе го подобрат квалитетот на живеење на сопствениците на домаќинствата.

Корисници ќе бидат домаќинставата, здруженијата за домување и компаниите за сервисни услуги кои планираат да инвестираат во проекти на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Финансирањето на ЕБОР е под Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ).

Средствата можат да се користат за зелени технологии како бојлери, прозорци и осветлување.

Прокредит банка Македонија е третата македонска банка што се приклучува на оваа програма.

Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) во Северна Македонија е дел од Програмата за поддршка за зелена енергија (ППЗЕ) за Балканот во износ од 85 милиони евра, лансирана во 2017 година.

Програмата е заедничка инцијатива на Европската Унија (ЕУ), Федералното Министерство за финансии на Австрија и земјите кориснички на фондовите од Инвестициската програма за Западен Балкан (ИПЗБ).