Египет предложи привремен прекин на огнот меѓу Израел и Исламски џихад

36

Египетските посредници денеска предложија привремен прекин на огнот меѓу Израел и палестинската екстремистичка организација Исламски џихад во Појасот Газа, објави израелската ТВ Канал 13.

Како што е наведено, прекинот на непријателствата би бил шанса да се преговара за подолгорочно затишје.

Сепак, не беше соопштено дали некоја страна е подготвена да го прифати тој предлог речиси 24 часа по почетокот на израелската воена офанзива наречена „Зора“.

Офанзивата започна вчера попладне со воздушни напади на израелската војска врз цели на екстремистите како одговор на заканата од ракетирање насочена кон израелските војници и цивили.

Исламски џихад синоќа почна да ракетира израелски цели во јужниот и централниот дел на земјата.

Ракета истрелана од Појасот Газа попладнево погоди куќа во јужниот израелски град Сдерот, соопшти општината. Станарите во тој момент биле во нивното засолниште и нема повредени.

Сдерот во повеќе наврати беше цел на баражен оган од Газа.

Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека во израелските воздушни напади загинале 13 лица, а 114 се ранети, но не е прецизирано колку цивили има меѓу жртвите.

Вчера беше објавено дека петгодишното девојче и командантот на Исламскиот џихад задолжен за северниот дел на Појасот Газа, Таисир ал Џабари, биле убиени во напад на неговиот стан.

Според израелската армија, тој бил убиен кога станало јасно дека неизбежно следувал нападот што го подготвувал.

Израелската армија тврди дека меѓу загинатите има повеќе членови на Исламскиот џихад бидејќи цел биле позициите и упориштата на таа организација.

Се проценува дека Исламски џихад истрелал повеќе од 200 ракети во правец на Израел, но Тел Авив се уште не е цел на нападот, иако синоќа беа отворени јавните засолништа од ракети

Израелската армија утринава соопшти дека се подготвува за еднонеделни напади врз Појасот Газа.

Тоа е најголемиот конфликт меѓу двете страни од војната минатата година во мај во Појасот Газа, каде живеат 2,3 милиони луѓе, наведуваат западни медиуми.

Нападите на израелската армија започнаа во време на зголемена тензија по апсењето на еден од лидерите на Исламскиот џихад на друга палестинска територија, Западниот Брег.

Арапската лига ја осуди жестоката „израелска агресија“, а соседниот Јордан и палестинската управа на Западниот Брег ја истакнаа важноста од ставање крај на конфликтот.