Евтин стан за изнајмување во Берлин, во ист ден дошле да го видат 1.749 луѓе

242

Ако од какви било причини се прашувавте колку е тешко да се најде стан по прифатлива цена во Берлин, тогаш по оваа случка, ќе ви стане појасно. Имено, неверојатни 1.749 луѓе на 24 ноември се појавиле да го видат станот кој бил понуден за изнајмување со разумна цена, иако истиот бил огласен само еден ден порано.

Сместен во близина на градското собрание Шенеберг, двособниот стан со балкон на третиот кат од зградата од 1950-тите го привлече вниманието заради својата цена – тој се изнајмува за 550 евра месечно.

Во германската престолнина, а особено на оваа локација, тој е далеку под цената, така што никој не беше толку изненаден од интересот за станот.

Сепак, 1.700 луѓе не се очекуваа во исти ден. На прометната улица Меинингер каде се наоѓа станот, агентите за недвижнини им давале насоки на заинтересираните преку мегафон, а групи од 20 и 30 лица биле пуштени во станот за кратко време.

Многумина го опишаа гледањето на станот како катастрофа, додека други забележаа дека тоа едноставно ја одразува моменталната состојба на берлинскиот станбен пазар.

Сопственикот на станот, Ролф Хармс, за германските новинари вели дека пред да дозволи толку многу луѓе да извршат увид во станот за еден ден, тој веќе направил селекција.

Тој дури и не дозволил оние што веќе бараа втор дом или високи приходи да дојдат да го погледнат станот. Хармс најави дека ќе ги разгледа сите апликации и потоа ќе одлучи кој ќе го изнајми станот.