Евтина струја ќе има два часа во денот, но сите граѓани нема да ја добијат одеднаш

Евтината струја ќе се плаќа два часа, во период кој допрва ќе треба да го утврди регулаторот, но ќе биде помеѓу 11.00 и 16.00 часот. Бислимоски откри дека операторот ЕВН Хоме ќе треба да излезе на терен да внесува промени во броилата и да го измени билинг системот на наплата. Примената на евтината тарифа ќе започне кога ќе се завршат овие активности, а повеќе детали ќе бидат познати за десетина дена

852

За 10 до 15 дена ќе се знае кога точно ќе се воведе евтината дневна тарифа, која беше укината кога бевме соочени со енергетската криза. Како што најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, повторното воведување на евтината тарифа на струјата е неизбежно, бидејќи цените на електричната енергија на берзите се значително намалени, а во периодот од 11 до 16 часот се дури и негативни поради зголеменото производство од фотоволтаици.

– Од аспект на поднесени барања за цени, до денеска барање имаат поднесено Електродистрибуција, ЕВН Хоум и МЕМО, МЕПСО сè уште нема поднесено барање, а крајниот рок е 31 мај. Откако ќе бидат поднесени сите барања, РКЕ ќе направи анали и ќе донесе одлука за новата цена на струјата. Електродистрибуција има поднесено барање за зголемување на цената за својата услуга дистрибуција на електрична енергија за 32,13 отсто. ЕВН Хоум сè уште нема поднесено барање, бидејќи треба да изврши набавка на електрична енергија во текот на јуни. Во зависност од тоа по која цена ќе ја набави од ЕСМ, ќе се знае дали ќе побара зголемување на струјата – изјави Бислимоски.

Тој рече дека воведувањето на евтината тарифа е сигурно, бидејќи цените на струјата на берзите се многу ниски, дури и негативни во периодот од 11 до 16 часот.

– Воведувањето на евтината тарифа е само следење на пазарот на електрична енергија, не само во Македонија туку и во регионот. Нема никаква политика, единствена цел ни е во тој период, во тие два часа, да испратиме сигнал – да се купува евтина електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа, да се заштеди водата како многу битен ресурс и, исто така, да се заштеди јагленот – рече првиот човек на РКЕ.

Според Бислимоски, хидроакумулацијата и јагленот треба да се штедат за зимно време и на тој начин да се намалат потребите од поскапа увозна струја.

Евтината струја ќе се плаќа два часа, во период кој регулаторот допрва ќе треба да го утврди, но ќе биде помеѓу 11.00 и 16.00 часот.

– Операторот ЕВН Хоме ќе треба да излезе на терен да внесува промени во броилата и да го измени билинг системот на наплата. Ќе треба софтверска промена, бидејќи има четири скапи тарифи. Примената на евтината тарифа ќе започне кога ќе се завршат овие активности – изјави Бислимоски и додаде дека не може да стапи одеднаш, бидејќи најголем број немаат далечинско отчитување.

Според Бислимоски, тој не сака да се зголеми цената на струјата. Сè уште не се знае дали ќе има промена на цената на струјата, бидејќи ја чекаме цената по која ЕВН Хоум ќе купува струја од ЕСМ и од каде што Електродистрибуција и МЕПСО ќе ги купуваат загубите дали од ЕСМ или на слободниот пазар, додаде тој.

Според Бислимоски, хидроакумулацијата и јагленот треба да се штедат за зимно време и на тој начин да се намалат потребите од поскапа увозна струја. Во текот на оваа година, како што рече, увезени се само 12 отсто струја, што е голем успех за разлика од претходните години, кога над 30 отсто од домашните потреби се задоволуваа од увоз.

Досега РКЕ има издадено лиценци за 92 мегавати новоизградени фотоволтаични електрани, а доправа се чека најголемите фотоволтаични електрани да се приклучат во системот и ќе имаме помеѓу 250 и 300 мегавати електрична енергија. Тоа значи дека само за две години се изградени фотоволтаици еден и пол блок од РЕК „Битола“.

(А.С.)