Оваа сабота на фестивалската сцена во Домот на АРМ

Фестивалот кој го препознаваме по големиот хит „Многу солзи“ со Маја Оџаклиевска, поради пандемијата ќе биде со строго ограничен број на посетители во салата и со сите пропишани здравствени мерки. Секогаш, па и оваа година, фестивалот ќе му посвети внимание на Тоше Проески, кој, на некој начин, ја започна својата блескава кариера од сцената на “Евро-фест“

Иако естрадата во овие корона-времиња ни е прилично килава, сепак има и настани кои треба да се пофалат, бидејќи да организираш било што е само по себе успех. Така оваа сабота (24 октомври, во салата на скопскиот Дом на АРМ) во текот на продолжениот празничен викенд ќе се одржи традиционално Меѓународниот забавно-музички фестивал “Евро-фест“/Фестивал на европски победници/.

Инаку, овој фестивал го препознаваме по најголемиот хит „Многу солзи“, кој совршено пред многу години го испеа Маја Оџаклиевска, напишан од српскиот композитор Раде Радивојевиќ. Оваа песна на јубилејниот 20-ти по ред фестивал беше прогласена и официјално за најслушана фестивалска мелодија, а наградата лично ја подигна Раде во Скопје од директорот на “Евро-фест“, Костадин Костадиновски.

Но, дали знаете дека некако од овој фестивал со својата блескава кариера започна и легендарниот Тоше Проески со хитот “Сонце во твоите руси коси“. Токму така!
И оваа година, и покрај пандемијата, ќе настапат многубројни познати пејачи од дома и странство. Секако дека сето тоа ќе биде со строго ограничен број на посетители во салата, а кои ќе мора да се придржуваат до пропишаните здравствени мерки.

Водителката на фестивалот, познатата пејачка и новинарка Јулија Мациевска ни изјави за весникот Вечер, дека многу се радува што повторно, како мината година така и оваа година, ќе го има тоа задоволство да го води овој познат фестивал кој на публиката многу ѝ значи штом толку години опстојува. За тоа им се заблагодарува на Костадин Костадиновски и Катерина Десковска кои ѝ ја укажаа честа. Освен што ќе биде водителка, Јулија ќе пее и нова песна која неодамна ја сними во студиото на Дејан Миленковски.

Дуле Миќиќ