Сите здравствени мерки беа испочитувани, а самиот фестивал и овој пат со потенцијални хитови, со настапот на популарни пејачи и со многу заслужени награди, меѓу кои и новинарската за пишаниот медиум, весникот ВЕЧЕР, кој како медиумски помагател фестивалот „Еврофест“ со задоволство го следи полни 24 години

И покрај сите песимистички прогнози поради пандемијата со коронавирусот овогодишниот, а 24-то по ред, во Скопје во салата на Домот на АРМ, сепак викендов се одржа – Фестивалот на европските победници, попознат како „Еврофест“. Токму поради смртоносниот вирус под потполна адекватна заштита и со доста намален број на гледачите во публиката, на фестивалот не дојдоа гостите од странство од европските фестивали.

Пандемијата си го направи своето, авионите не летаат, а и со автомобилите да се стаса до Скопје на странците им е доста комплицирана работа. Сите тие си останаа дома, и ако се зборуваше дека како специјална гостинка требаше да ја видиме во шоу програмата евровизиската победничка Кончита. Сепак, ни од Кончита, ниту од никој друг странски пејач ни трага ни глас. И оправдано.

Оваа година само со македонски учесници и тоа не било кои туку силни естрадни (пејачки и композиторски) имиња, како на пример:Благица Павловска, Ѓорѓи Ѓорчев, Мирче Чуков, Блага Петреска, Серафина Фантазузо, Јулија Мациевска, Лени Партикова, групата “Интервали“, Горан Милошевски, Катерина Таневска од “Нели ти реков“ и други….нека не ве чуди што на фестивалската сцена ги слушавме и пејачките од фолк музиката.

Ретко кој знае дека например почетоците на Блага Петреска се токму во забавната музика. Па, така легендарната пејачка во вториот ревијален дел од фестивалот го запеа големиот хит “Свени ми, свени невене“, една од песните по кои се препознава кариерата на Блага. Воедно, пејачката се закити и со “Гран При“ за овој безвременски хит како и авторот на текстот Орце Зафиривски.

Во тој ревијалниот дел или ретроспективниот пејачите Мери Младеновска, Јулија, Серафина, Жане со „Интервали“ не потсетија и на некои други фестивалски хитови, а особено уживање беше дуетот со Катерина Таневска и Ѓоко Ѓорчев кои ја испеаја „Последниот танц“. За најслушана песна помеѓу двата фестивалски изданија е прогласена “Лоша навика“ во одлична интерпретација на Мери Младеновска која и добро пее и добро изгледа.

Натпреварувачкиот дел од фестивалот донесе многу повеќе возбудувања и пеперутки во стомакот. Имаше и зошто. Овој фестивал по некое непишано правило постојано произведува хитовски песни кои се лепат за ушите уште при првото слушање. Парадоксот е во тоа што фестивалот ја нема онаа целосна медиумска поддршка од телевизиите, порталите и весниците, освен „Нова Македонија“ и „Вечер“, како медиумски помагатели, а особено весникот “Вечер“ кој фестивалот го следи полни 24 години и кој заслужено поради тоа си доби и специјално новинарско “Гран-при“!

Ако тргнеме по ред анализирајќи ја натпреварувачката вечер, тоа некако би било вака. Фестивалските водителки Катерина Десковска и Јулија Мациевска двете облечени во невестински бели фустани супер се вклопија со добро осмислената сцена и ако според нас едната ќе беше доволна. Но и оваа комбинација се покажа за успешна. Особено Јулија која настапи и како пејачка пеејќи ја боженствената „Слава теби Господи“.

И за пеењето и за изгледот чиста десетка за шармантната Јулија! Една е од ретките која е успешна во повеќе професии. Фолк-пејачките Катерина Таневска и Благица Павловска со поп-шлагерите дојдоа како вистинско освежување. Катерина со песната “Ѕвездите плачат со мене“ која е карактеристична медитеранска песна како создадена за некој од фестивалите на морскиот брег.

А, Благица со поп-баладата “Без тебе не можам“ таман на сцената ни создаде вљубена атмосфера од мрачните дискотеки. Серафина Фантаузо, која за разлика од минатогодишната медитеранска „Чекај ме кај фонтаната“, оваа година ни се претстави со сосема нешто друго, поинакво, рокерско, позитивно дрско пеејќи ја “Исус е мој Бог“. Така беше и облечена како од некаде да го чека својот Исус, прекрстувајќи се на крајот од песната.

Дека уште го сака сцената а, и тој неа, покажа македонскиот Том Џонс, нашиот вечно популарен Ѓорѓи Ѓорчев. И ако е во пристојни години, тие не Ѓоле не му можат ништо. Тој дојде, испеа, и убедливо победи со идниот хит “Нека е љубовта вечна“ освојувајќи го Големото фестивалско “Гран при“….

На Ѓоле не само што одлично му легна песната, туку одлично му стои и елегантниот црн вечерен свечен имиџ, дополнет со елегантниот шмекерски црн шешир!

Текст и фото: Дуле МИЌИЌ