Скопје-Париз: Учениците од СУГС „Орце Николов“ дебатираа и музички инспирираа

619

Во СУГС гимназија „Орце Николов“ вчера (7 јуни) се одржа финалниот настан од работилницата за европски перспективи Скопје-Париз.

Настанот насловен „Дебатирај, донирај,инспирирај“, кој е дел од проектот „Беит“, е посветен на недискриминација и хуманост, и има за цел преку конкретна акција да се подигне свеста кај младите за борба против дискриминација и да се поттикне  хуманост. На овој настан учениците дебатираа,  донираа во хуманитарната каса и инспирираа со музички настап.

Беит е меѓународен проект кој втора година по ред се реализира во Скопје, паралелно со 11 европски градови како Париз, Рим, Лондон, Барселона, Берлин… Проектот ги соединува учениците од различно етничко и верско потекло во општествено-културен контекст и поттикнува дијалог, соработка, меѓусебно разбирање и заедничка перспектива. Сето тоа се изведува преку посебни работилници со користење на урбан простор, наследство и историја на кои учениците ги испитуваат концептите на различните од себе.

Ученикот Емил Кочовски, учесник во проектот, за весникот „Вечер“ изјави:

„Горд сум што сум дел од проектот Беит. Изминатата година учествував на повеќе работилници во рамки на проектот, запознав многу соученици од различно верско и етничко потекло со кои заедно истражувавме, дебатиравме и сфативме дека разликите не се пречка, туку предност“. Тарик Хајрединовиќ, пак, посочи дека целта на овој настан беше да се подигне хуманоста и свеста кај младите за борба против дискриминација, да се поттикне толеранцијата и почитување на човечките права.

„На овој проект работевме и заедно со соучениците од Париз, инициравме и разменивме различни мислења и проблеми  што би требало да води кон заеднички решенија“, додаде и Симон Симоновски.