Европски експерти тврдат: Загадениот воздух предизвикува смрт кај 15% од заразените со ковид-19

648

Загадениот воздух предизвикува смрт кај 15 проценти од заразените со ковид-19. Ова го тврдат европски експерти кои направиле истражување кое покажало можни корона-здравствени ризици од емисиите на издувни гасови.  Експертите утврдиле дека долгорочното изложување на загаден воздух во комбинација со ковид-19 негативно влијае на здравствената состојба на луѓето, особено на работата на срцето и на кардиоваскуларниот систем и е голем ризик,, особено за лица кои имаат проблеми со белите дробови и срцето. – Пандемијата веројатно ќе заврши со вакцинацијата на луѓето, но „против лошиот квалитет на воздухот и промените на климата“ нема вакцина, велат тие.

Загадениот воздух предизвикува смрт кај 15 проценти од заразените со ковид-19. Ова го тврдат европски експерти кои направиле истражување кое покажало можни корона-здравствени ризици од емисиите на издувни гасови.

Тие резултатите од истражувањето кое го објавија деновиве во списанието „Кардиоваскуларни истражувања“, дошле до заклучок дека емисиите на издувни гасови влијаат врз стапката на смртност од коронавирус. Истражувајќи ги здравствените податоци и податоците за болести во САД и Кина, и комбинирајќи ги тие податоци со бројките за глобалното и локалното загадување на воздухот со ситна прашина, експертите утврдиле дека во источна Азија, каде што има една од најголемите стапки на загадување на воздухот со штетни материи, дури 27 проценти од починатите од коронавирусот би можеле да се должат на влошеното здравје поради лошиот квалитет на воздухот. Сметаат дека во Европа на 19 проценти од заболените од ковид-19, состојбата им се влошила поради аерозагадувањето, па така се смета дека во Чешка тој процент е 29, во Германија – 26, во Португалија – 11, а во Шпанија кај само 9%.

Експертите утврдиле дека долгорочното изложување на загаден воздух во комбинација со ковид-19 негативно влијае на здравствената состојба на луѓето, особено на работата на срцето и на кардиоваскуларниот систем и е голем ризик, особено за лица кои имаат проблеми со белите дробови и срцето.

– Кога долгорочно загадување на воздухот се комбинира со инфекција со Сарс-ЦоВ-2, тоа се одразува негативно на здравјето – особено на срцето и крвните садови – објаснува кардиологот и коавтор на студијата, Томас Минцел.

Според него, загадувањето на воздухот ги прави поверојатни факторите на ризик за ковид-19, како проблеми со белите дробови и срцето.

– Пандемијата веројатно ќе заврши со вакцинацијата на луѓето, но „против лошиот квалитет на воздухот и промените на климата“ нема вакцина – велат тие.

А скопјани нонстоп дишат загаден воздух. Навечер, во некои населби, не може да се излезе надвор од тоа колку многу смрди на горено дрво, а дека концентрацијата на отрови има во огромни проценти во воздухот го покажуваат и мерните станици низ градот, иако некои од нив не ги мерат сите параметри, бидејќи се расипани.

Денеска на пладне мерните станици во Центар, Карпош, Лисиче и Гази Баба покажуваа дека воздухот во Скопје е нездрав за дишење. Во Центар беа измерени високи 183 мг/м3, во Карпош – 170, Гази Баба  – 125, а во Лисиче – 117 мг/м3 канцерогени честички. Навечер овие бројки се двојно или тројно повисоки.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини, е свесен за лошата поврзаност меѓу загадувањето и здравјето на луѓето и смета дека треба сите ние да бидеме свесни и да не придонесуваме кон аерозагадувањето.

– Со ставот дека се почнува со нас, како поединци, како граѓани и како дел од општеството и дека е од големо значење поврзувањето на здравјето и животната средина, особено во услови на глобалната пандемија со која се справуваме – истакна министерот Нуредини на онлајн трибината „Зачувување на животната средина значи зачувување на нашето физичко и ментално здравје“ спроведена од Здружението „Амигдала“ во соработка со „Љубов сме“.

Тој истакнува дека обврска на Владата и на сите инволвирани институции на национално и на локално ниво е да се борат за чиста животна средина и никогаш да не ги политизираат темите важни за  добросостојбата на граѓаните и идните генерации.

– Заштитата на животната средина бара секојдневни инвестиции и секој ден во кој не е вложено во неа веќе наредниот ден дава негативни последици. За жал, не постојат брзи решенија кои ќе дадат резултат од денес за утре,  туку е потребно детектирање на изворите на загадувањето и спроведување на стратешките решенија за промена на начините на  затоплување на јавните објекти и домаќинствата, во користењето на автомобилите, промени во работата на индустријата и многу, многу инвестиции и труд. Само на тој начин ќе може од година на година да се справиме со овој предизвик на модерното урбано живеење и да ги намалиме негативните ефекти врз природата и врз здравјето на луѓето – истакна тој.

Клучот на сето тоа, според Нуредини е во учество и одговорност на секој поединец во намалување на загадувањето и секој ден во кој не сме се вложиле заштитата на животната средина негативна влијае врз нашето здравје.

(С.Бл.)