Со изложбата “Нематеријалното културно наследство на Словенија во светлото на конвенцијата на УНЕСКО“ во Музејот на Р.С. Македонија вчера започнаа Европските денови на културнотo наследство во рамките на кои до 28 септември ќе бидат одржани низа настани во Музеите низ Македонија. Активностите годинава ќе бидат организирани во рамките на темата „Културното наследство за сите“, а целта е да се сврти вниманието кон маргинализираните групи и лица.

Во согласност со темата, Музејот на Р. С. Македонија ќе донира училишни ранци и друг прибор, како и публикации на децата со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партеније Зографски“. Во Археолошкиот музеј се предвидува посета и работилница за лица со Даунов синдром, а Националната галерија ќе организира работилници насловени „Прифати го другиот и освести ме“ за деца со оштетен слух, говор и вид, и „70 години од првата Национална поставка“, со деца од бошњачкиот етникум. Во Музејот на македонската борба, пак, ќе може да се посети изложбата „ФОКУС – инклузија и пристапност на музејски артефакти“. Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите ќе ја отвори изложбата „Еден час“ на 10 тактилни слики, пропратени со опис на Брајово писмо.

Битолскиот музеј планира креативни работилници со деца од ромската заедница и деца со оштетен слух, говор, глас и други попречености, а ќе биде организирана и посета на Хераклеа Линкестис за лицата со телесен инвалидитет од Битола. Музејот Демир Капија организира креативна работилница насловена „Музејот во очите на децата од Специјалниот завод во Демир Капија“, а Музејот „Теракота“ од Виница еднодневна едукативна екскурзија во соработка со Дневниот центар за лица со попреченост во развојот… Во Музејот на тетовскиот крај ќе се отвори изложбата „Фотографии од градењето на железничката станица во Тетово 1951-1952“.

Културното наследство ќе може да се види и на социјалните мрежи, па ИКОМОС Македонија ќе постави „Виртуелни интрепретативни прошетки низ Охрид и Битола“, а Центарот за креативни индустрии – НЕБО од с. Суводол, Демир Хисар, ќе учествува со виртуелна ликовна изложба на маргинална уметност…