На Европскиот универзитет, Скопје денес се одржа свечена манифестација на која беа доделени дипломите на дипломираните и магистрираните студенти и беше одбележан патрониот празник на универзитетот, Св. Никола Чудотворец. На манифестација со едно минутно молчење му беше одадена почит на прерано починатиот претседател на Управниот одбор и основач на Европскиот универзитет, проф. д-р. Бојо Андрески. Неговата пораката дека знаењето е сила, знаењето е моќ, ќе остане засекогаш.


-Убедени сме дека и таму од небеската шир, ќе нè следи и штити, како што тоа го правеше и кога беше меѓу нас. Достапен за сите, за вработените, а најмногу за студентите. Тие за него, беа секогаш на прво место. Европскиот универзитет го продолжува својот развоен пат со засилени чекори, со нови проекти и oбезбедување просперитет како во земјава така и во странство, беше истакнато на манифестацијата по повод врачување на дипломите на студентите и одбележување на патрониот празник на Универзитетот.

Од самото основање па до денес празникот Свети Никола е проследен со значајни настани, акредитација на Универзитетот како прва приватна високообразовна установа во државата, отворање на нови факултети и проширување на дејноста, усогласување со европските високообразовни стандарди, меѓународно признавање.


Ректорот на Европски универзитет, проф. д-р Владо Ванковски, и генералната директорка на Универзитетот, проф. д-р Билјана Андреска-Богдановска, им честиташе на дипломираните и магистрираните студенти и им посака успех во работата и во животот и им порачаа никогаш да не заборават дека биле, се и секогаш ќе бидат дел од големото семејство, Европски универзитет.


Европскиот универзитет во изминатите 19 години од своето постоење покажа и докажа дека не само што е еден од основоположниците на приватното високо образование во земјава, туку е и најдобриот избор за идните студенти. Поради тоа минатата година се најде на листата на највисоко рангираните приватни универзитети во регионов според QS Wolrd University rankings.


Во изминативе години Европски универзитет, Скопје, прерасна во стандард за квалитет и клуч за успех на многу дипломирани и магистрирани студенти. Успесите на дипломираните и магистрираните се и ќе бидат гордост на деканите, професорите и асистентите на сите факултети во рамките на Европскиот универзитет.


Свеченоста беше заокружена со заедничко фотографирање на дипломираните и магистрираните студенти и фрлање на капите со почитување на пропишаното растојание како една од мерките за превенција од ширењето на ковид-19.

Фото: Ѕ.Плавевски