Европскиот парламент ќе побара од ЕУ да ги прекине пристапните преговори со Србија додека не воведе санкции кон Русија

52

Европскиот парламент (ЕП) ќе побара од Европската унија (ЕУ) да ги прекине пристапните преговори со Србија додека Србија не воведе санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.

Ова се наведува во нацрт-извештајот за новата стратегија на ЕУ во процесот на проширување, до која имаше пристап Радио Слободна Европа (РСЕ).

-Давање на приоритет на усогласувањето на земјите-пристапници со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и продолжување на пристапните преговори со Србија само доколку земјата се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија, се наведува во нацрт-извештајот.

Претставниците на ЕП ќе разговараат за овој документ на Комитетот за надворешна политика на 13 октомври, а конечната верзија на нацртот ќе биде во форма на резолуција на Европскиот парламент, на гласањето што се очекува во ноември.

Резолуциите на ЕП не се правно обврзувачки за земјите-членки или за другите европски институции.

Европските социјалдемократи, втората по големина групација во ЕП, веќе соопштија дека сметаат да ЕУ не може да ги продолжи пристапните преговори со Србија доколку не се усклади со санкциите на ЕУ против Русија и најавија дека тоа ќе биде вклучено во претстојниот извештај на ЕП за проширувањето.