Европска економска зона како утешна награда?

137

Наместо полноправно членство во Унијата, на Западниот Балкан ќе му се нуди формирање на Европска економска зона. Оваа идеја од Брисел е во оптек за да се надминат актуелните фрустрации од Макрон кој ја спушти рампата на патот кон Унијата, извести порталот „Нова ТВ“.

Потоа, пак, се појавија и медиумски информации дека Франција покренала неофицијални дипломатски консултации за можноста – на одредени земји од Западен Балкан наместо полноправно членство, да им понуди привилегирано специјално партнерство.

Со ова, на државите би им се понудиле финансиска помош, посебни аранжмани за пристап на европските пазари и други погодности, во замена за повлекување од полноправното членство.

Деновиве се слушна и идејата на Западен Балкан да му се понуди формирање на Европска економска зона. Се сметало дека Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, треба да добијат можност за пристапување во единствениот пазар, а државите што добро би ги спроведувале реформите, да добиваат повеќе грантови и инвестиции.

Властите во земјава велат децидно „не“ за сите вакви предлози. По тоа прашање прилично јасно се огласи премиерот Зоран Заев, кој на својот фејсбук-профил напиша дека земјава не прифаќа алтернативни решенија.

„Нашата татковина припаѓа во ЕУ и затоа не прифаќаме никакви алтернативни решенија, како партнерства или посебни статуси. Сакаме во ЕУ затоа што сме Европејци, работиме за тоа право и јас ве уверувам, ние ќе добиеме одлука за почеток на преговорите. Затоа што со ништо помалку ниту се согласуваме ниту прифаќаме. Ние припаѓаме на Европа и ги имаме истите права како и земјите членки на ЕУ и нема да го компензираме со друго право“, напиша премиерот Заев.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден по тоа прашање. Битката за Европската Унија, според него, била основната цел на ВМРО-ДПМНЕ уште од нејзиното формирање во јуни 1990 година кога, како што потенцира, „југоносталгичарите од СДСМ уште се колнеа во Белград и Москва“.

„Ние сме граѓани на Европа, ние припаѓаме во Европа и таму е нашата иднина, сите вие, сите ние сме европски граѓани и заслужуваме таква иднина со систем на вредности којшто е многу поразличен од тоа што денеска го нуди Зоран Заев и СДСМ“, рече Мицкоски.

Предлогот за Европска економска зона официјално на маса се предвидува да го понудат европските лидери следната, 2020 година. Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, па дури и Црна Гора и Србија, кои веќе ги почнаа преговорите, да добија можност за пристапување во единствениот пазар, како Норвешка и Исланд. Земјите да работат по европските директиви што се важни за потенцијалните инвеститори. Целиот процес треба да се претстави во јавноста како трка и да се комбинира со финансиски награди. Повеќе грантови и инвестиции за земјите кои добро напредуваат во административните и правните реформи.

Познавачите велат дека идејата не е нова, туку уште од времето на францускиот претседател Митеран. По Брегзитот на Велика Британија и залезот на Меркел, лидерството во Унијата го презема Макрон, кој го враќа големиот план на Франција.

Бизнисите ќе имаат пристап до европскиот пазар, но политички, земјите ќе немаат никакво влијание. Нема ниту да седат на маса со останатите европски лидери. Решението би требало да го зголеми влијанието на ЕУ на овие простори.