Европската Унија ни порача да трошиме колку што заработуваме

Продолжување на стабилизирање на соодносот на долгот, вклучување на долгот на сите јавни претпријатија во општата владина рамка за финансиско известување, поголемо спроведување на капиталните расходи, да се разјасни мандатот на инспекторатите… се дел од препораките на ЕУ кои земјава треба да ги спроведе до наредната годин

172

Република Северна Македонија во однос на другите земји кандидатки за членство во ЕУ е на второ место во однос на спроведување на препораките, но тоа не значи дека тоа не треба да се поправи, е оценката на ЕУ која вчера ја соопшти шефот на одделот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат. Тој рече дека очекува да се спроведат препораките, бидејќи оваа година Владата одобри посебен Акциски план кој ќе помогне да се спроведат некои од мерките што се повторуваат повеќе години.
Дел од препораките кои властите од земјава треба да ги спроведе во наредната година се продолжување на стабилизирање на соодносот на долгот, вклучување на долгот на сите јавни претпријатија во општата владина рамка за финансиско известување, поголемо спроведување на капиталните расходи, да се разјасни мандатот на инспекторатите…
– Најголеми предизвици во однос на специфичните структурни реформи во Република Северна Македонија за поттикнување на конкурентноста и долгорочниот инклузивен раст се формализација на економијата, интеграција на домашните компании во глобалните синџири за вредност и осврнување на прашањето со невработеноста кај младите за што имаме шест препораки, истакна Јанмат.
Што се однесува до управувањето со јавните финансии тој појасни дека треба да се зголеми транспарентноста со вклучување на јавните претпријатија во општата владина рамка за финансиско известување. Така јавниот долг на Република Северна Македонија изнесува 43 отсто, а заедно со долгот на јавните претпријатија е 53 отсто.
– Треба да се одобри новиот закон за буџет, со фискалните правила и да се направат подготовки за независен фискален совет, рече Јанмат и порача дека е добро да се воведат правилата што ги нема во моментов во земјава, а кои важат за земјите членки на ЕУ. Тоа е јавниот долг да не смее да биде над 60 проценти и буџетскиот дефицит да не надмине три отсто.
Исто така, се препорачува да се зајакне микро и макропрудентниот надзор, да се зајакнат институционалните капацитети на граѓанските судови, да се стави фокус во спроведување на Младинската гаранција со акцент врз неразвиените региони и кадровското екипирање на Агенцијата за вработување и Националниот младински совет. Треба да се забрза модернизацијата на образовниот систем на сите нивоа преку подобрување на инфраструктурата, наставните програми и квалификациите на наставниците.
Во делот на монетарната и финансиската област, се препорачува да се спроведат стратегиите за денаризација и нефункционални заеми. Предупреди дека има ризик функционалните кредити да станат нефункционални, кои сега се на ниво од пет отсто.
– Ние го следиме спроведувањето на препораките во Северна Македонија и сметаме дека Северна Македонија во споредба со другите земји е добра и е на второ место, но тоа не значи дека тоа не треба да се поправи. Ја охрабруваме Владата оваа програма да ја употреби за реформи за раст, истакна Јанмат.
Препораките се искажани вчера на Министерскиот дијалог со ЕУ, во Брисел, каде присуствуваат министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
Целта на дијалогот за економско владеење е да се подготват Западен Балкан и Турција за нивното идно учество во процедурите за координација на економските политики на ЕУ.