Македонија е поканета да учествува на првата средба на Европската политичка заедница, во октомври, во Прага, која треба да овозможи подобра и побрза координација на сите земји на континентот, со оглед на бавноста на проширувањето на ЕУ. Дипломатите во Брисел инсистираат дека оваа заедница нема цел да ги замени постојните организации, структури и процеси на Унијата. Во меѓувреме, во рамки на скринингот, продолжи објаснувачкиот состанок за Поглавјето 24 „Правда, слобода и безбедност“, а следната недела продолжуваат состаноците за поглавјето 23 „Правосудство и темелни права“. Во рамките на следните активности, вицепремиерот Бојан Маричиќ за средината на октомври го најави потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС.

Претседателот на Европскиот совет и чешкото претседателство, вчера, ги испратија официјалните покани до сите земји учеснички во Европската политичка заедница (ЕПЗ), меѓу нив и Македонија. На шести октомври, во Прага, ќе се одржи првиот состанокот на шефовите на држави и влади на Европската политичка заедница. Освен 27-те земји членки на ЕУ, во ЕПЗ учествуваат и: Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Норвешка, Србија, Швајцарија, Турција, Украина и Обединетото Кралство.

Целта на Европската политичка заедница е да се создаде платформа за политичка координација за сите земји на широкиот европски континент, да им се овозможи да се координираат и комуницираат за сите теми за кои имаат заеднички интерес. Сѐ со цел да се обезбедат стабилноста и безбедноста на континентот, велат од ЕУ.

На самитот на ЕПЗ, сите лидери ќе имаат еднаква тежина, а дипломатите во Советот се надеваат дека овој формат ќе може да се одржува редовно во иднина, еднаш или два пати годишно.

Дипломатите во Брисел инсистираат дека ЕПЗ во ниеден случај нема за цел да ги замени постојните организации, структури и процеси на ЕУ, и не планира да создава нови. Идеите за Европска политичка заедница интензивно почнаа да се подготвуваат по почетокот на војната во Украина и апликацијата за членство на оваа земја, како и на Грузија и на Молдавија, во ЕУ. Со оглед на бавноста на процесот на проширување, голем број лидери и дипломати оценија дека воспоставувањето нов формат како ЕПЗ ќе овозможи подобра и побрза координација на сите земји на континентот.

Во меѓувреме, денеска, во Брисел, продолжи објаснувачкиот состанок за поглавјето 24 „Правда, слобода и безбедност“, на кој Европската комисија го презентира новиот корпус на ЕУ акуис (acquis) донесено во периодот по 2018-2019 година. Следната недела продолжуваат состаноците за поглавјето 23 „Правосудство и темелни права“.

На средбата вчера, во Брисел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ разговарале за процесот на скрининг на земјава со ЕУ, како и за следните активности во процесот на преговорите за членство и за актуелната политичка ситуација во Македонија.

– Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача што им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата – рече Маричиќ на состанокот.

Маричиќ го најави потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, кој ќе биде потпишан кон средината на октомври.

– Задоволен сум што преговорите за договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, ФРОНТЕКС, се завршени и што наскоро ќе го потпишеме овој важен договор, на македонски јазик, а во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Јохансон – рекол Маричиќ.

Вицепремиерот оценил дека овој договор е чекор кон подобро управување со границите и управување со нерегуларната миграција, што, како што потенцирал, е заеднички интерес и на Македонија и на ЕУ, како што беше докажано во минатите времиња, особено за време на мигрантската криза во 2015 година.

(И.С.)