Европската комисија ги зголемува депортациите на илегални мигранти

20

Европската комисија сака да се справи со зголемениот број на нерегуларни мигранти кои пристигнуваат во Европската Унија со новата стратегија за депортации, објавена денеска, пренесува ДПА.

– Оние на кои не им е потребна меѓународна заштита мора да се вратат во земјата на потекло, рече еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон во Брисел.

Таа прецизираше дека само во 2022 година се регистрирани повеќе од 300.000 нерегуларни пристигнувања на мигранти, појаснувајќи дека мнозинството од овие пристигнувања не се квалификувале за азил.

Ефективната стратегија за депортација треба да „послужи како пречка за да помогне во намалувањето на небезбедната и неправилна миграција“, се вели во соопштението на Еврокомисијата.

Повеќе години ЕУ се обидува да ги зголеми стапките на депортација, но со ограничен успех, оценува ДПА.

Планот објавен во 2021 година се фокусираше на доброволно враќање. Унијата, исто така, се обиде да ја искористи визната политика за да изврши притисок врз земјите да ги примат назад одбиените баратели на азил.

Според бројките на Комисијата, сепак, само 29 отсто од луѓето кои требало да ја напуштат ЕУ во 2019 година го сториле тоа. Во 2021 година, оваа стапка дополнително се намали.

Новата стратегија главно вклучува поголема соработка меѓу земјите-членки на ЕУ и агенциите на ЕУ како Фронтекс, агенцијата за управување со границите на блокот, со побрзи одлуки и поголема размена на податоци.

Комисијата, исто така, сака да ги зголеми стапките на депортација со земјите на потекло кои добро соработуваат со ЕУ и кои „немаат политички пречки“, рече Јохансон.

Јохансон и Марија Јурич, координаторка на политиката за депортација, одбија да дадат фиксни цели за депортации, наведувајќи ја потребата од консултирање со земјите-членки на ЕУ и глобалната несигурност.