Како што информираат од Европарламентот, деновиве тие ќе започнат преговори со Советот на ЕУ, при што сертификатите, како доказ за извршена имунизација, чиј рок истекува на 30 јуни годинава, би се продолжиле за уште 12 месеци и би важеле до 30 јуни 2023 година. Според нив, на овој начин ќе се осигури слободното движење на граѓаните на ЕУ, без оглед на развојот на пандемијата на ковид-19

 

Додека повеќето земји од регионов и од ЕУ, како Грција, Бугарија, Албанија, Италија, Словенија, Хрватска , Црна Гора, Србија и Македонија, ги укинаа сертификатите како потврда за имунизација и прележан ковид за влез и за излез од земјата, Европскиот парламент предлага да се донесе одлука за продолжување на употребата на дигиталните ковид-сертификати за уште една година!

Како што информираат од Европарламентот, деновиве тие ќе започнат преговори со Советот на ЕУ, при што сертификатите, чиј рок истекува на 30 јуни годинава, да бидат продолжени за уште 12 месеци и да важат до 30 јуни 2023 година. Според нив, на овој начин ќе се осигури слободното движење на граѓаните на ЕУ, без оглед на развојот на пандемијата на ковид-19.

Европскиот парламент го поддржа и предлогот да им се дозволи на земјите членки да издаваат потврди врз основа на нови видови тестови за антигени. Според социјалдемократот Хуан Фернандо Лопез Агилар, иако најлошото заврши, пандемијата не е завршена, па затоа е потребно да не се укинат сертификатите.

Одлуката за дигитални ковид-сертификати беше донесена во јуни 2021 година, со цел да се олесни слободното движење во Европа за време на пандемијата.

Во Македонија, поради добрата епидемиолошка состојба, уште пред две недели се укинаа сертификатите и на граничните премини и за внатрешна употреба во моловите, спортските натпревари и културните настани. Во моментов, во земјава позитивни на вирусот се околу 700 наши сограѓани, а во десетина градови во земјава нема ниту едно лице заразено со вирусот. Во Скопје и во Битола има најмногу активни лица кои го носат вирусот, а во 17 градови во земјава има едноцифрен број заболени.

Светската здравствена организација (СЗО) со поразителни бројки за смртноста од ковид-19. Според светските лекари, како последици на инфицираност со коронавирусот, ширум светот починале речиси 15 милиони лица, што е 13 отсто повеќе смртни случаи од очекуваното.

Ова е за дополнителни 9,5 милиони смртни случаи повеќе од официјално пријавените 5,4 милиони починати. Во овие пресметки се земаат предвид и смртните случаи кои не биле директна последица на вирусот , туку биле предизвикани од неговите негативни ефекти, како што е неможноста да пристапат до болниците.

Критериумот на пребројување на СЗО се нарекува „вишок на смртни случаи“, односно колку повеќе луѓе починале отколку што, инаку, би се очекувало врз основа на смртноста пред да се појави пандемијата.

Според СЗО, земји со најголем број „вишок смртни случаи“ се Индија, Русија, Индонезија, САД, Бразил, Мексико и Перу. Но, „вишок на смртност“ е регистриран и во развиените земји, како Велика Британија, САД, Шпанија и Германија, каде што смртноста била над светскиот просек во 2020 и во 2021 година.

Според податоците на интернет-страницата „Ворлдометерс“, најголем број починати од ковид-19 има во САД, каде што за 27 месеци откако беше потврден првиот случај на заразата, од коронавирусот починале над еден милион лица. По САД, најмногу починати од ковид-19 има во Бразил – повеќе од 600.000 лица, а на третото место е Индија со повеќе од половина милион смртни случаи.

(В.Ма.)